Неколку дена пред нејзиниот концерт во Вевчани, во рамките на Вевчанската меѓународната ликовна колонија, отпатувавме во Загреб и направивме интервју со музичката дива од светски калибар, хрватската, југословенска и француска шансониерка Тереза Кесовија.
Разговаравме со дама што зад себе има 56 години успешна европска кариера, од нив дваесет години поминати во Франција, четири концерти во париска „Олимпија“, на „Евровизија“ ги претставувала Југославија и Монако, има над 1.000 отпеани песни и, најважно од сѐ, таа уште е активна, настапува, снима, објавува…
Што значи песната за вас?
– Не би зборувала само за песната туку и за музиката, воопшто. Почнав со пеење, но тоа беше само почеток на патот што ме водеше во музичкото училиште и кон изборот на инструмент – флејта. Избрав флејта затоа што таа за мене е пасторала, а најубавиот период од моето детство го поминав во моето село Конавле, во близината на Дубровник. Таму се слушаат пеењето на птиците и звуците на природата. Флејтата од една страна е како овчарскиот кавал, а од друга страна софистициран инструмент што се користел уште во средновековната музика. Кај флејтата легатото е природа и затоа фразата е комплетна. Важно ми е текстот да биде во служба на музиката и обратно. Тоа е како складен брак. Ја избирам мелодијата, но и запишаното под мелодијата, зборовите. Ако не ги чувствувам тие зборови, ако во тие зборови не сум се пронашла себеси, тогаш не можам да отпеам на начин на кој вие ќе ми поверувате и ќе го почувствувате тоа што јас го чувствувам.
Која е тајната на успехот и способноста да се истрае 56 години на сцената?
– Често ме прашуваат која е тајната. Тука нема никакви тајни. Треба само да го љубите и да го чувствувате она што го работите.
Во јули во Кнежевиот двор во Дубровник ќе одржите концерт со наслов „Тереза ги пее хрватските поети“. За каков концерт и репертоар станува збор?
– Во овој проект музиката е апсолутно во служба на поезијата. Поезијата е главна, а музиката е таа што го следи текстот. На репертоарот се песни што одамна сум ги пеела, освен една од песните, која е од еден млад хрватски поет. Знаете, тоа е како ренесанса. Тоа е како момент во кој песната одново се раѓа. Концертот е голем и ќе трае околу два часа, а температурата ќе биде многу висока.
И стручњаците и читателите за вашата автобиографија, со наслов „Тоа сум јас“, имаат мислење и впечаток дека кога би биле писателка или поетеса би биле исто толку успешна како и во музиката…
– Горда сум на тие шестотини страници од мојот живот. Запишани се детали од моментот кога на најлош можен начин дознав дека мајка ми починала кога сум имала два месеца и дека ме одгледува друга жена, па до ден-денес. Има многу писанија и од приватниот и од професионалниот живот. Работев со децении и направив портрети на моите најблиски. Книгата е збогатена со фотографии. Автобиографијата ја пишував многу долго поради навистина оправдани причини. Пишувањето е една многу убава и благородна работа. Го споредувам со празен нотен лист на кој треба да ја напишете фразата, или кога кај сликањето треба да се направи првиот потег на платното. Го гледаш платното пред себе и размислуваш што да направиш. Но кога ќе почнеш, тоа е како река, како водопад.
Сигурно имате уште многу да ѝ кажете на публиката, планирате ли продолжение, втор дел или нова книга?
– Ме наговараат да напишам втор дел. Но не знам. Тешко е да се повторуваш. Има теми колку сакате. За тоа треба да се седне и да се работи долго. Секоја песна е глас на моето срце.
Минатата година еден период медиумите пишуваа дека вие се повлекувате од сцената, но факт е дека вие работите со полна пареа…
– Што сѐ имам прочитано за себе, досега требаше да ме снема стопати. Но, еве, неодамна го објавив албумот „Очи на душата“, а објавено е и реиздание на албумот „Стари љубови“, објавен пред 40 години. Покрај тоа, редовно настапувам.
Имате многу концерти во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора. Сте пееле и во Париз и во Њујорк. Дали сѐ уште го имате истиот жар?
– Ако песната еднаш била глас на моето срце, тоа засекогаш останува така. Со ист интензитет на емоциите настапувам и денес. При настапот мора секогаш да се има самодоверба. Самодоверба никогаш не ми недостигала, таа дури ми се зголеми во оние 20 години музичка кариера во Франција. Публиката сака да ја почувствува вашата самоувереност за да ви верува. Луѓето сакаат спонтаност. Денешните концерти ми се многу позрели и многу поспонтани.
На уметникот му е потребна слобода за да создава и да дејствува. Дали во текот на вашата кариера имавте доволно слобода да работите на начин како што сакате?
– Живеев во добро уредена земја. Јас сум родена во Дубровник, Хрватска, но мојата земја се викаше Југославија. Тогаш имав поинаков третман кога на граница ќе покажев југословенски пасош. Имавме претседател што значеше во светот. Кој како сака нека го толкува ова, но тоа е вистина. И јас, од една таква слобода, отидов во уште поголема слобода, во Франција. Имав можност да го работам тоа што го сакам и јас да ги одбирам проектите на кои ќе работам.
А денес?
– Денешново време носи многу добри нешта, но многу добро и однесе. Многу од елементарното добро го нема. Луѓето како да немаат потреба од убава музика. Во центарот на вниманието се парите. Се создава и сега квалитетна музика, но ја нема почитта кон неа. Има толку квалитетни гласови, како Габи Новак, Бисера Велентанлиќ, Калиопи…, многу повеќе треба да се почитува нивната работа.
Зрачите со позитивна енергија, дали сте навистина среќна и што е потребно за среќа?
– Среќна сум. Можеби најголема среќа во мојата кариера е тоа што успеав да запознаам навистина големи луѓе и големи уметници во вистинската смисла на зборот. Многу ме прави среќна тоа што луѓето кога ќе ме поздрават на улица, на аеродром, на автобуска станица, пред сѐ ме препознаваат како човек. Мојата порака е дека треба да се зачува убавата енергија и да се пеат стиховите од мојата песна: „Утре е нов ден и животот тече, не постои ни болка ни јад што нема да пројде.“
Автор на интервјуто и фотографијата: Филип Димкоски