Тивко и ненаметливо во пристапот, но гласно и моќно во професионалноста, ставовите и бескомпромисноста кон професијата – најслушаното локално радио во државата, Супер радио од Охрид денес одбележува 24 години постоење.
„The soundtrack to your life“ е слоганот под кој оваа година прославува Супер радио, симболизирајќи го заедничкиот пат кој го има периодов наназад со градот во кој работи радио станицата.
– Ако се вратиме наназад, поминавме многу убави и многу тешки моменти. Истото важи и за нашиот град и секако луѓето кои живеат тука. Нашиот пат оди паралелно, а Супер радио е тука за да ја пополни тишината со проверени информации, одбрана музика и препознатливи гласови кои ги врзуваат слушателите за фреквенцијата од 97.00 Mhz на FM скалата. Никогаш не дозволивме да бидеме само „пуштачи на музика и климачи со глава“. Укажувавме на недостатоци, посочувавме на начини овој град да живее подобро, а сето време и информиравме и забавувавме. Испраќаме едно големоБЛАГОДАРИМЕ до Охрид и охриѓани за заедничкото возење изминативе години. Следните 24 ќе бидат уште поинтересни, велат од Супер радио.
Како една од првите приватни радио станици во Република Македонија по осамостојувањето, на 7-ми ноември 1992 година, Супер радио почна и официјално да емитува програма на фрекфенцијата на 106,9 мегахерци. Денес програмата се емитува на 97 FM за Охрид, Струга, Кичево, Ресен и Дебар, додека преку интернет мрежата Супер радио е достапно за слушателите ширум Република Македонија, Европа и светот.
Секоја година со посебно осмислена радиска програма се одбележува роденденот на Супер радио. Бидете и денес на 97.00 Mhz, заедно да го прославиме 24-тиот роденден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
Публицитет.мк