Едно од најубавите годишни времиња , според многумина, е пролетта а еден од најубавите пролетни месеци , повторно според многумина, е април. Тоа е месец ,( кој иако е мошне променлив од сонце до дожд , а понекогаш и снег)кога се буди природата по зимскиот сон , кога птиците започнуваат да ги пеат своите најубави песни на цел глас , кога се раѓаат нови љубови,кога со носталгија се сеќаваме за некоја измината пролет, за некоја некогашна љубов…
За април се напишани и испеани голем број на песни . Една од најубавите и најдолговечните, секако е онаа која во 1975 година ја отпеа Здравко Чолиќ на фестивалот „ Белградска пролет 1975“ и ја освои првата награда од публиката.
Насловот на песната е „ Април во Белград“ чиј комплетен автор е Корнелије Ковач.
Во едно од многуте интервјуа ,Здравко Чолиќ , присетувајќи се на оваа безвременска песна посветена на пролетта, април и Белград, ќе рече:
„ Песната беше создадена во станот на семејството Кораќ на Врачар.Дотогаш постоеја голем број на песни кои беа посветени на градовите од тогашната држава:„ Београде, Београде“,„ Сарајево љубави моја“, „ Девојко мала“, Нима Сплита до Сплита“,„Загребе, граде“…
Во тој период ништо немав испеано за Сараево, а се појавив во Белград како Сарајлија со песна за Белград и победив .
Подоцна , откако песната стана голем хит кој го пеам насекаде и сиве години наназад,луѓето ја врзуваа оваа песна со моето служење на воениот рок, што не е точно.Песната е авторско доживување на Корнелије Ковач кој служел воен рок во Белград.Јас отидов во војска четири години подоцна.Во песната себеси се најдоа многу млади луѓе во униформа. Јас , во потполност ја сватив песната служејќи воен рок на Топчидер.Поминав низ песната како стотици Белградски војници низ генерациите.Широчината на таа автобиографска слика е мошне универзална и преносна. Затоа песната е посакувана.
Ниту Бата ниту јас не сме од Белград, а нитуповеќето од оние кои се пронајдоа во неа.
Очекував, една песна со ваква хармонија и атмосфера дека долго ќе живее, но дека ќе стане една од препознтливостите на Белград, искрено не очекував.Мелодијата е правена за да се допадне и да биде прифатена. Таа е пласирана во Шпанија и во други земји, но единствено овде ја има таа посебност.“
Веќе рековме, песната Здравко Чолиќ ја пее и ден денес на концертните сцени на просторите од некогашната држава но и на концертните подиуми низ повеќе европски градови.
Ве потсетуваме на неа со неговата изведба на еден концерт во Белград каде може да се почуствува убавината на песната и соживувањето со неа на различни генерации на публика.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк