Овојпат се навраќаме точно 50 години назад во времето на златните години на Скопскиот фестивал на забавна музика кој во 1971 година се одржа по четврти пат.Таа година на фестивалот беа изведени 24 композиции во три фестивалски вечери. За првпат таа година песните беа изведувани во алтернативна изведба на познати изведувачи од останатите републики од тогашната Југославија.
Во таа година беа изведени неколку композиции кои станаа вистински евергрини на македонската музика кои и денес по 50 години со својата убавина се неповторливи.На списокот на македонски изведувачи беа:Симеон Гугуловски,Маја Оџаклиевска, Јане Коџабашија, Зоран Георгиев, Драган Мијалковски,Григор Копров, Кирчо Поплазаров, Гоце Николовски, Зафир Хаџиманов, Даниела Панчетовиќ, Нина Спирова, Зоран Милосављевиќ, Славе Димитров, Лена Трајковска, Љупка Димитровска…
Како нивна алтернатива на фестивалот во Скопје таа година меѓу другите настапија: Радојка Шверко, Боба Стефановиќ, Арсен Дедиќ, Зденка Ковачичек, Драган Стојниќ, групата „Индекси“, Далибор Брун, Крунослав Слабинац, Јосипа Лисац, Мики Јевремовиќ, Корни група, Про Арте, Ладо Лесковар…
Интересно е да се каже дека избор од 13 композиции за прв пат се најдоа на грамофонска лонг плеј плоча на која исклучиво беа застапени македонски изведувачи.
Сите композиции беа изведувани во живо во придружба на извонредниот фестивалски оркестар на Радио телевизија Скопје под диригентската палка на неколку диригенти.
Слушајќи ги денес од оваа дистанца од половина век, може да се почуствува извонредната изведба и професионалноста на врвните музичари но и прекрасните аранжмани кои беа напишани од музичари како :Драган Ѓаконоски Шпато, Љубомир Бранѓолица, Јане Коџабашија, Александар Џамбазов, Јован Адамов, Звонимир Скерл, Војкан Борисављевиќ, Стјепан Михаљинец…
Како потсетување на овој фестивал еве една извонредна композиција чиј автор на музиката и аранжманот е Љубомир Бранѓолица а текстот е дело на Благоја Стефаноски.
Се работи за композицијата „Блиска а сепак далечна “ во изведба на извонредниот Веле Матевски.Во алтернација песната ја изведе хрватската интерпретаторка Невиа Ригуто.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк