Утре се навршуваат точно 53 години од снимањето на познатата композиција „Странци во ноќта“ во изведба на Френк Синатра , композиција која и ден денес се слуша со задоволсто без разлика што од нејзиното објавување поминаа повеќе од 50 години.
Автор на музиката е Берт Каемперф а автори на англискиот текст се Чарлс Синглтон и Еди Снајдер.Интересно е да спомене дека композицијата Каемперф најпрвин ја искористил како интрументална подлога за потребите на филмот „ Еден човек може да се убие“од 1966 година, во кој настапуваат Џејмс Гарнер, Сандра Ди и Мелина Меркури.Насловот на темата бил „ Беди бај“.
Пред да ја сними Френк Синатра , во истата 1966 година , песната најпрвин и’ била понудена на Мелина Меркури , но таа ја одбила со образложение дека песната треба да биде изведена од машки вокал.
Песната , Френк Синатра ја снимил на 11. Ааприл.1966 година и таа била насловната песна на истоимениот албум кој станал негов најкомерцијален албум.Песната многу брзо се искачила на врвот на топ листата на Билборд 100 и британскиот топ 1 на синглови.
Неговата изведба му ја донесе и Греми наградата за најдобра поп вокална изведба и наградата за рекорд на годината во 1967 година.
Има уште еден интересен момент околу оваа популарна композиција а кој се однесува околу нејзиното авторство.
Познатиот ерменско американски производител на пури, џез пијанист и композитор Аво Увезиан, своевремено во едно интервју изјавил дека музиката за композицијарта
„Странци во ноќта“ е негово дело и дека нејзиниот наслов бил “ Скршената гитара“. Тој, наводно му ја понудил на германскиот композитор Каемперф да ја издаде за германскиот пазар и да го делат профитот , бидејќи тој се сомневал дека во Америка ќе добие некаков надомест за неговата песна. Во меѓувреме песната ја снимил Синатра со сосема друг текст , а останатото е историја. Во истото интервју Увезијан рекол дека од композиторот Каемперф добил писмо во кое тој го признава него за автор на композицијата.
Постојат и тврдења дека хрватскиот композитор и интерпретатор Иво Робиќ е оригиналниот автор на композицијата „ Странци во ноќта“кој му ги продал правата на Каемперф, откако неговата песна именувана како „Таа летна ноќ“(која содржи неколку идентични тактови со подоцнежниот мега хит “ Странци во ноќта“)ја испратил на еден од фестивалите во тогашна Југославија и била одбиена.Според искажувањата на композиторот Стјепан Михаљинец , нешто подоцна композиторот Каемперф „ ја компонирал“ истата песна која подоцна беше именувана како „ Странци во ноќта“
Званична потврда за оваа верзија за авторство нема но се знае дека Иво Робиќ во 1966 година го сними синглот со оваа песна на текст на Марија Роната во издание на Југотон и тоа на српско-хрватски и германски јазик.
Во 1967 година, францускиот композитор Мишел Филип-Жерард (попознат како Филип-Жерард) тврдел дека мелодијата на “Странци” се базирала врз неговата композиција “Магично танго”, кој била објавена во 1953 година во издание компанијата Чапелс во Њујорк. Поради тоа, авторските права од песната биле замрзнати се’ додека во 1971 година не е донесена одлука против судот во Париз за наводен плагијат, наведувајќи дека многу песни се базирани на слични константни фактори.
Но и покрај се’ , секаде покрај песната пишува дека композитор е Берт Каемперф.
За огромната популарност на оваа композиција говори фактот дека таа досега доживеала огромен број на вокални и инструментални кавер верзии и тоа од најпознати изведувачки имиња како што се:
Ненси Синатра, Ерик Клептон, Дин Мартин, Аеросмит, Џони Дорели, Петјула Кларк, Далида, Кони Френсис ( во четири изведби), Џими Хендрикс, Бренда Ли, Бери Манилов, Ал Мартино, Џони Матис, Бет Мидлер, Мина ( во две верзии), Енди Вилијамс, Хозе Фелисијано, Хозе Гвардиола…Освен тоа нема некој познат оркестар или инструменталист кој не направил изведба на оваа комозиција.
Се разбира, овој пат ќе се потсетиме на „Странци во ноќта “ во изведба на Френк Синатра.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк