Според многумина, еден од музичките симболи на Франција е песната „ Живот во розово“инаку најпопуларната песна во изведба на француската пејачка Едит Пјаф која за првпат ја испеала во 1946 година.
Песната била напишана во 1945 година , за првпат била изведена во 1946 а како сингл грамофонска плоча била издадена во 1947 година. Текстот го напишала Едит Пјаф а мелодијата ја напишал Луиѓи ( Луис Гуљеми).
Спротивно на скромните очекувања на авторите, песната станала мошне популарна во Англија.Англиската верзија на текстот ја напишал Мајк Дејвид.
Композицијата во 1950 година станала мошне популарна и во САД кога доживеала пет различни изведби од страна на Тони Мартин, Пол Вестон, Бинг Крозби, Ралф Фланаган и Луис Армстронг. Сите изведби се нашле на топ листата на Билборд.
Заради големата популарност , оваа песна се наоѓа на многу албуми на Едит Пјаф.
Во 1998 година е снимен документарен филм со ист наслов.Десет години подоцна беше снимен и биографскиот игран филм „ Живот во розово“ во кој главната улога ја игра актерката Марион Котијар која го толкува ликот на Едит Пјаф. За оваа улога ја освои наградата Оскар за најдобра женска улога.
Во 1998 година песната е сврстана во куќата на славните на Греми.
„ Живот во розово“ доживеа голем број на изведби на многу пејачки имиња. Едни од најпопуларните секако се изведбите на Грејс Џонс од 1977 година како босанова-диско изведба која доживеа огромен успех.Не помал успех оваа песна доживеа и во 1993 година кога диско кралицата Дона Самер ја стави на својот албум посветен на Едит Пјаф.
Колку е голема популарноста на оваа композиција говори и подолгиот список на изведувачи кои ја отпеале :Арета Френклин, Амалија Родригез,Андреа Бочели, Одри Хепберн, Бет Мидлер, Шарл Азнавур, Селин Дион, Кони френсис, Сидни Лопер, Далида, Дајана Крол, Ела Фиџералд, Жозефина Бекер,Хулио Иглезијас, Лајза Минели, Лејди Гага, Лучијано Павароти, Мадона, Марлен Дитрих, Миреј Матје, Патрициа Кас, Петјула Кларк, Пласидо Доминго, Ширли Беси, Ив Монтан…
Песната е застапена во повеќе од 35 играни филмови меѓу кои :„ Сабрина“ од 1954 и во верзијата од 1995 година, „ Прет а портер“ од 1994, „ Родени убијци“ од 1994 година, „ Француски бакнеж“од 1995, „ Спасувањето на војникот Рајан“ од 1998 година „ Модиљани“ од 2004 , “ Кралот на војната“ од 2005 …
Потсетување на оваа прекрасна композиција во оригиналната изведба на бесмртната Едит Пјаф.
Пишува: Ѓоко Симјаноски