Овојпат се враќаме точно педесет години наназад, поточно во 1970 година, за да се потсетиме на еден голем хит на англискиот бенд КРИСТИ.Се работи за песната „Жолтата река“ која ја напишал водачот на групата Џеф Кристи.
Песната тој им ја понудил на групата „ Тремелоес“кои ја снимиле со намера да ја објават како сингл плоча на почетокот на 1970 година. Сепак, по успехот на нивниот тогашен најнов сингл „ Повикај ми број еден“ и сметајќи дека понудената песна од Кристи е премногу поп- ориентирана за нивната идна определба, тие одлучиле на нивниот следен сингл да се најде нивната композиција „ Патем“ која имала многу мал успех на Топ 40.
Верувајќи во квалитетот на песната продуцентот Мајк Смит ја ангажира групата „ Кристи“ и со нив го реализира синглот со песната „ Жолтата река“ кој бил издаден на 23.април. 1970 година.
Песната мошне брзо станува меѓународен хит искачувајќи се на првото место на синглови во Велика Британија само по една недела од нејзиното објавување.Во САД песната се искачува на 23 место на топ листата на синглови на Билбоард 100.
Вистинската локација на жолтата река во оваа песна не е одредена (инаку географски Жолтата река се наоѓа во западниот дел на Кина и преставува втора најдолга река во оваа земја).
Авторот на песната Џеф Кристи во една прилика изјавил дека инспирацијата за да ја напише оваа песна ја добил од идејата за еден војник кој си оди дома на крајот од американската граѓанска војна.Бидејќи пак песната била објавена за време на Виетнамската војна, многумина песната ја протолкувале како да станува збор за војник кој ја напушта американската војска откако му завршил воениот рок .
Песната доживеа голем број на кавер верзии од многу познати изведувачи. Така, песната може да се слушне и во изведба на Елтон Џон,Крис Риа, групите Рем и Мидл оф д’роуд и многу други.За одбележување е верзијата испеана од француската пеачка ѕвезда Жо Дасин кој со неговата изведба именувана како „ Америка“се искачи на првото место на француската топ листа.
Песната доживеа и голем број на препеви во повеќе земји во светот :Австралија, тогашниот Советски Сојуз,Мексико, Камбоџа,Финска , Германија…
За нејзината популарност говори и податокот дека таа доживеа безброј инструментални верзии во изведба на најпознатите европски оркестри како: Франк Пурсел, Пол Мориа, Хуго Штрасер, Џемс Ласт, Џери Вилтон…но и во изведба на најпознати инстументалисти.
Потсетување на овој голем хит во оригинална изведба на групата КРИСТИ.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк