Штом стариот џентлмен Томислав Маниќ е веќе во Охрид , тоа значи дека шпицот на сезоната е тука. Неговото омилено место се кафетериите под дебелите сенки кај „Летница“.
Најчесто пладневното кафе го пие во друштво на сопругата Ѓурѓица и со своите охридски пријатели потсетувајќи се на младоста и првите вљубувања.
-Охрид и јас , љубов на прв поглед. Првпат тука дојдов во почетокот на педесеттите од минатиот век и пеев на терасата на тогаш популарниот синдикален дом „Орце Николов“ . Пеев и на чинот на отворањето на хотелот „Палас“. Сега , жалам што тој архитектонски убавец зјае празен, вели Маниќ.
Со Охрид го врзуваат и настапите на фестивалот „Охрид фест“ – „Охридски трубадури“ и преубавите испеани песни. Во дел од нив пак мотив е преубавиот Охрид.
Во долгата и успешна кариера отпеал многу, неговите снимки се дел од фонотеката на МРТВ.
Публиката најмногу го идентификува по неговиот голем хит „Црвени рози“
Томислав Маниќ и во деветтата деценија од животот не го заборава Охрид,доаѓа за да ги скрати скопските горештини и да се сети на старите, убави времиња.
Публицитет.мк