• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
вторник, јули 1, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Томислав Османли: „Моцо“

јануари 7, 2020
in Во потрага по трајната убавина
Томислав Османли:  „Моцо“

Во овие празнични денови пред , за и по Божик за сладокусците на кусите раскази Публицитет.мк со дозвола од авторот ќе сподели – објави ЧЕТИРИ БОЖИКНИ МИНИЈАТУРИ од познатиот македонски писател, драматург, новинар и публицист Томислав Османли. Веруваме и знаеме една по една минијатурите ќе ви ја допрат душата и ќе Ве натераат на размисла за животот. 

Којзнае зошто му го дадоа тоа име. Веројатно според ликот на една жива досада, од прастара телевизиска серија. А тој навистина додеваше. Особено откако замина во пензија. Цел живот работеше во Печатницата и тешко се помируваше со фактот дека, по пензионирањето, пристапот му е ограничен. На почеток доаѓаше на работа секој ден, онака на муабет, и неговите поранешни колеги на тоа гледаа со разбирање. Секому му треба време да се привикне на новиот пензионерски статус и безработност. Но Моцо продолжи да доаѓа на работа, да ос¬та¬нува предолго, да заседнува и да ги заморува со истите муабети, прашања и барања. Особено со барањата: има ли уште еден примерок од новоотпечатената карта на градот за него, ќе му дадат ли некоја проѕирна налепница од тиражот нарачан за големата компјутерска фирма, може ли да добие .три примерока од најновото енигматско списание… Така почнаа да го избегнуваат сите.
Само што ќе поднаближеше Новата година, Моцо ке почнеше да чука на вратата од дирекцијата.
„Се извинувам” – ќе почнеше секогаш снисходливо и исто – ,,дали се готови?”. Откако ќе го вратеа едниот, не се двоумеше, одново исто, да се појави наредниот ден. Потоа се распрашуваше во одделението за подготовка, за монтажа, за печатење, дури и во портирницата, за истото нешто.
За новогодишните календари. За сите шестолисни или дванаестолисни фул-колори со фотографии или со илустрации што пред таа Нова година се произдуваа во печатницата.
„Ајде бе Моцо, му велеа, ќе ти кажеме кога ќе дојдат. Оди сега, горе е дојдена контрола од дирекцијата.” ,,Ама така ми рече и лани, па задоцнив”, одвраќаше Моцо не попуштајќи и туркајќи го носот кај шефот на смената, па кај раководителот на ротацијата.
Неговите поранешни колеги почнаа да го гледаат напоречки, избегнувајќи го или префрлувајќи, напати и со остри забелешки, зашто се сомневаа дека е секоја година Моцо тргува со календарите. Него тоа многу не го навредуваше. Тој продолжуваше по свое. Ним, пак, не им беше нејасно како таа трговија му се иплатува, со оглед на тоа дека секојдневните доаѓања во печатницата го чинеа колку и секоја можна заработка. Ним, инаку, им беше строго забрането да изнесуваат печатен материјал од работното место, но на Моцо ситте гледаа најпрво сожалливо, потоа како на нужно зло, на кое не треба да му се фаќа кусур и напати со непријателство потекнато од завист. Во печатницата платите доцнеа, а и оние што се исплатуваа беа сѐ потенки. Моцо, за разлика од нив, се повлече во пензија, се скраси и се спаси од неизвесноста. Згора на сѐ, ете ти го, прави и трговии, којзнае дали само ситни, со нивниот печатен материјал.
Па сепак Моцо и годинава ги доби саканите календари. Секој ден во декември, откако ќе добиеше нов печатен материјал, бликаше од радост и заминуваше дома по-брзо. И сѐ така до Нова година. Поточно до втори јануари. А тогаш, ги повикуваше синот и снаата и ќерката со зетот, па заедно со жена си, ги пречекуваше и нив и петте внучиња, на новогодишниот ручек на кој децата му доаѓаа со години, уште кога ќерка му како постара, прва, се омажи. Остаре, кутрата, се поправи и пропадна, ама роди арслани, и без оглед што пред некоја година ја отпуштија од работното место што со своите врски од Печатница ѝ го беше нашол лично тој, скромна и одмерена како мајка ѝ, живее добро со мажот, и растегнувајќи ја едната плата од први до први, и со негова помош кога годе, ги расте неговите три внучиња. Синот, за среќа, стоеше подобро. Ги собра дваесетичетирите плати од старата фирма и отвори своја, во која Моцо му го даде ста-риот мебел за првото опремување, а еве сега работата му трга подобро. Децата им се златни, девојчето му чисти во канцеларијата, за да не плаќаат жена. Снаата не е лоша, ги почитува и него и свекрвата.

slikov

Моцо седнат на челото од, за таа пригода издолжената стара трпезариска маса, се насмевнуваше под мустаќи и под око ги гледаше децата. Своето големо семејство. Беше пресреќен што семејството не се оддалечи, ни од него, ни едни од други. Сите имаа проблеми, но фала му на бога, сѐ уште беа заедно. ,,Дедо, ќе го прашаа кон крајот на ручекот внучињата, има ли нешто за нас, од кај тебе, од работа?”
Тогаш Моцо значајно ќе се насмевнеше, ќе ги погледнеше внучињата, ќе ја занишае, божем покорно, главата и полека, важно ќе одеше до шифоњерот од кадешто ги вадеше шарените календари и полека, за да видат сите, им ги предаваше да децата. ,,Еве- ќе речеше потоа – зете и за тебе, за на работа. Еве и за тебе снашке…”, додека тие, воспитано коментираа „ама не треба, тато”, па сепак со радост ги примаа календарите.
Тој беше единствениот што ги снабдуваше со такви работи. Календар дома е голема радост. Особено такви убави слики што ќе ги закачиш на голите ѕидовии ќе ти ја красат собата преку целата година.
„Еве, ќерко, продолжуваше подавајќи им енигматски списанија, малку забава за тебе за Нова година – ,,а за вас, деца, еве по една сликовница, да видите и да прочитате нешто убаво”. Тие, со женирање ги прифааќаа богатите печатени дарови, се посрамотуваа, благо го одбиваа, меко негодуваа, додека тој, задоволен, насмевнат и сигурен во себе, достоинствено ги поттикнуваше: ,,Ако, ако, имам јас по нешто за сите вас. И тоа годинава работите се посебно луксузни. Земете слободно. Има. Ми испратија од Печатница. Не забораваат они кој бил и што бил, нивни Моцо”.

Фотографија на Tomislav Osmanli.

Автор: Томислав Османли

Публицитет.мк 

Посетеност: 76
Share
Previous Post

Денес им е роденден: Ана Булоска Рилкоска

Next Post

Ѓурѓица Гојковиќ, сопран од Крушевац низ чии жили тече македонска крв – желба и е да има концерт во Охрид

Next Post
Ѓурѓица Гојковиќ, сопран од Крушевац низ чии жили тече македонска крв – желба и е да има концерт во Охрид

Ѓурѓица Гојковиќ, сопран од Крушевац низ чии жили тече македонска крв - желба и е да има концерт во Охрид

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 76

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk