Утре од 21:15 на Првата програма на МТВ премиерно ќе биде прикажан играно -документарниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување“. Филмот е снимен во 2015 година а негов режисер е охриѓанецот Илија Пиперкоски.
„Последниот Македонец…“ е во продукција на „Тринити плус“, сценариото за филмот е на Александар Кукулев, продуцент е Снежана Лупевска Созен, кинематографер Дејан Димески, а монтажа Данчо Стевков.
За историчарите она што се случило во 1913-та година е свршен факт. Заговор против постоењето на тогашна Македонија како самостојна држава и покрај надежите дека таа би можела да добие независност и пред Албанија; земја која според своите етно- граници не била помала ниту од Грција ниту од Србија. Но, одлуката донесена во Букурешт со помош на Големите сили ја распарчува и како територија и како народ. Тие последици ќе останат и еден век потоа. Како независна држава создадена многу подоцна по Букурешт, Македонија се соочува со проблемот на: името, идентитетот, црквата, интеграциите.
Она што се случувало во 1913-та година има влијание и денеска. Зошто Македонија во перидот пред Букурешкиот договор, но, и помеѓу Балканските војни не можеше да создаде сојузници кои ќе ја поддржат независноста? Зошто братоубиството заради сојузништвото со Бугарите, Србите или Грците е правило, а не реткост во Македонија? Постои ли воопшто некој кој е Македонец од Македонија? „Последниот Македонец- Патот до истребувањe“ дава многу одговори, но и наметнува дилеми кои инспирирани од содржината би можеле да се дискутираат во научните кругови на Балканот помеѓу балканските политичари, па и пошироко.
Филмот премиерно беше прикажан на 36. издание на Меѓинародниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола и пота го продолжи својот живот по кино салите.
Илија Пиперкоски, режисер
Во овој играно – документарен филм улогите ги толкуваат: Сашко Коцев, Ненад Нацев, Славиша Кајевски, Зоран Љутков, Рубенс Муратовски, Петар Горко, Валентина Грамосли.
Филмот финансиски е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија и Министерството за култура, а поддршка обезбеди и од Општина Битола и од Преспанско-пелагониската епархија
Публицитет.мк