Дел од историјата на печалбарска Преспа
Славе Николовски-Катин или како што е познат само Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во Македонија и македонскиот народ како и во македонската дијаспора. Тој е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно на животот на Македонците во светот. Исто така, неговата работа се однесува и на низа други аспекти поврзани со македонската дијаспора, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и посебно религијата. Тој е aвтор на педесет и пет публикации кои можат да се видат и прочитаат на неговата веб страница www.slavekatin.com
Славе Катин е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тоа време ја заплиснувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата населба Наколец. Тој е роден на почетокот на Втората светска војна, кога Хитлеровска Германија, опијанета и заслепена од идеологијата на фашизмот, се крена против целиот свет, верувајќи дека има сили да завладее со него.
Но, извесен период по неговото раѓање, семјеството се преселува во Љубојно, од каде е неговата мајка Сандра (од семејството Грежловци). Таму Славе го минува поголемиот дел од детството и младоста, а се навраќа во него речици цел живот. Таму од мали нозе го почувствувал тешкиот печалбарски живот на луѓето од Преспа, особено преку печалбарската сага на дедо му Алексо и неговите родители
Основното и осумгодишното училиште (со мала матура) го завршува во Љубојно, а геодетскиот отсек на Средното техничкото училиште во Скопје. Студирал геодезија во Белград,а се школувал и во Торонто Канада, за на крајот да дипломирал на катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Инаку, Славе Катин по завршувањето на средното образование, неколку години работи како геометар во Собранието на Општината Ресен.. Како студент на Техничкиот факултет заминува за Канада, каде останува повеќе години. Во Торонто се школува на специјализираниот Институт за англиски јазик и литература. Извесен период работи како геодет, а пројавува активност и во македонската колонија во Торонто.
Еден мандат, во 1978 година, бил генерален секретар на Црковната управа на Македонската православна соборна црква “Свети Климент Охридски” во овој град. Паралелно се занимавал со новинарство, активно соработувајќи со списанието “Духовна искра” од Торонто, но и со други печатени и електронски македонски медиуми во Канада и Македонија.
По дипломирањето на Филолошкиот факултет, односно по враќањето од Канада, Катин четири години работи како координатор и стручен преведувач во Хидробиолошкиот завод во Охрид, во периодот на истражувањето на Охридското Езеро, утврдено со Договорот помеѓу Заводот и Смитсоновата фондација од Вашингтон. Во овој период, интензивно работи на повеќе преводи од научен и стручен карактер, од македонски на англиски јазик и обратно, за потребите на Заводот, но и на низа преводи на англиски јазик на научни трудови објавувани во земјата и странство.
Од 1979 до 1984 година, е во Матицата на иселениците од Македонија, каде ја води Информативната служба и работи како преведувач и новинар во списанието “Македонија”. Од 1984 до 1990 година ги минува во Републичката конференција на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (РК ССРНМ), каде го уредува “Информативниот преглед” и други информативни публикации на оваа општествена организација. Воедно, од Претседателството на РК на ССРНМ е именуван за раководител на Службата за информирање, за секретар на Комисијата за меѓунационални односи и на Одборот за остварување на улогата во сферата на религијата и верските заедници.
Од 1991 до 1998 година Катин (именуван од Собранието на Република Македонија, како самостојна и независна држава) ја врши функцијата потпретседател на Републичката комисија за односи со верските заедници. Во 1999 година повторно се враќа во Матицата на иселениците од Македонија, сега веќе трансформирана во Министерство за иселеништво, кое, по една реконструкција на Владата, е рангирано во Агенција за иселеништво. Со цел поангажирано да се посвети на иселеништвото, во 2001 година, тој ја напушта Агенцијата и заминува во предвремена пензија.
Како функционер на Владата на Република Македонија, тој бил на посети и разговори кај поглаварите на Романската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбул и Ватикан во Рим. Исто така, бил и во делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија.
Патува непрестајно по светот цели педесет години. Затоа публикација „Светот на дланка“ (на македонски) е негово 50. издание, во кое се објавени 40 репортажи од доживувањата и посетите на 40 земји во светот. Книгата „Израел и Македонија“, во кое е внесено христијанското живеење во Охрид и Преспа. (на англиски и македонски), пак, е 55 негово дело.
Меѓу петнаесеттината монографии за познати личности во дијаспората и во Македонија, дваесеттината дела за Македонците ширум светот, бројни лексикогравски изданија и друго, тој е аврот на дела посветени на Преспа и Преспанци и тоа: монографиите: „Митрополитот Кирил“, „Гога Печенковски“, „На Илинден во Љубојно и Преспа“, „Ореолот на Дева Марија и Света. Богородица Сливничка во Преспа“ на делото „Македонски иселенички меридијани“ во кои се застапени познати личности од печалбарска Преспа и на „Англиско – македонскиот лимнолошки речник“, кој се однесува на живиот свет во Охридското и Преспанското Езеро, како и „Македонците во САД и Канада“.
Славе Катин уредил и објавил стотина наслови од кои најголем број учебници и дидактичка литература, кои значат голем прилог и придонес во образовните процеси во Република Македонија и за учениците во дијаспората, а кои се одобрени од Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Исто така, објавил бројни дела на македонски иселеници, асоцијации и организации во Канада, САД, Австралија и Европската Унија, потоа, книги на бројни познати и непознати автори од Македонија, како и дела од личното творештво.
Во неговата биографија е забележано дека Славе Катин беше член на “Академијата за слобода на религијата” во Вашингтон, САД, секретар на друштвото “Македонија-Канада”, секретар на Здружението на новинарите на Македонија, беше акредитиран новинар од Македонија за “Австралиско-македонски неделник” од Мелбурн и “Меѓународна политика” од Белград. Денес e член на „Друштвото за наука и уметност“ од Битола, а почесен член е на Литературните друштва „Браќа Миладиновци“ во Торонто, Канада и „Григор Прличев’ од Сиднеј, Австралија. Исто така тој е постојан (доживотен) член на најголемиот подарок од дијаспората, Фондација “Атанас Близнаков”, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Има учествувано на 100-тина симпозиуми, трибини, конференции и друг вид сесии во земјата и во светот на кои има презентирано, главно, реферати што се однесуваат на културата, литературата, јазикот и религијата, како и на информативната и друга дејност на македонските иселеници во прекуокеанските и во западноевропските земји.
Како активен новинар беше избран за секретар на Здружението на новинарите на Македонија, на која должност остана пет години. Потоа, беше член на Претседателството и на Комисијата за меѓународна соработка на Здружението. Беше член и на Советот на Центарот за странски јазици во Скопје, на Издавачкиот совет на „Меѓународна политика“ од Белград и член на „Друштвото на литературните преведувачи на Македонија“. Два мандата беше потпретседател, како и член на Друштвото за литература и култура Македонија-Канада, потоа бил почесен член на Здружението за примена на македонскиот јазик во службената и во јавната комуникација.
Славе Катин е добитник на голем број награди и признанија од бројни органиации, друштва, установи, цркви и црковни општини во Република Македонија и во странство. Тој, исто така, е добитник на најпрестижната награда Крсте П. Мисирков на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката.
Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот.
Публицитет. мк