Евидентна е врската помеѓу музика , филмот и театарот од причина што во досегашната историја на овие уметности има безброј примери за тоа дека одредени музички теми станале инспирација за филмски и театарски остварувања. Од друга страна оригиналните музички теми од филмовите и театарските престави честопати ја достигнале популарноста а понекогаш дури и ја надминале популарноста на филмовите или театарските престави.
Овој пат ќе се потсетиме токму на еден таков случај во кој песната била инспирација да се создаде еден филм кој го носи истиот наслов но е и дел од неговата содржина.
Се работи за композицијата „ Убава жена“ напишана од Рој Орбисон и Бил Дис , која Рој Орбисон ја испеал и чиј сингл бил издаден во 1964 година.
Текстот ја раскажува приказната за еден маж кој гледа една убава жена како шета. Тој копнее по неа и се прашува дали, колку и да е убава, таа може да биде осамена како што е тој. Во следната минута, таа се свртува назад и му се придружува. Насловот на песната бил инспириран од сопругата на Орбисон, Клодета,која прекинувајќи го разговорот рекла дека излегува. Кога Орбисон ја прашал дали има доволно пари, неговиот пријател ,ко-писателот Бил Дис , му рекол: „ На убавата жена никогаш не и’ требаат пари “.
Песната веднаш го нашла патот до срцата на слушателите. Станала голем хит и на првото место на Билборд 100 поминала три недели.Синглот бил подаден во тираж од седум милиони примероци.За неколку месеци по неговото објавување тој достигнал златен тираж а на крајот од 1964 година , Билборд, ја рангирал на четвртото место на најуспешните песни ви 1964 година.
Песната беше и инспирација за создавањето на мошне успешниот филм „ Убава жена“ во 1990 година во режија на Гери Маршал во кој се прославија Џулија Робертс и Ричард Гир како и за создавањето на мјузиклот „ Убава жена“ кој во 2018 година беше поставен на сцената на Бродвеј.
Рој Орбисон постхумно ја освои наградата „Греми“ во 1991 година за најдобра машка вокална изведба за неговата изведба во живо на песната „ Убава жена“ во неговата специјална телевизиска емисија на телевизијата HBO„ Рој Орбисон и пријателите, црно-бела ноќ“ . Во 2004 година, списанието „Ролинг Стоун “ ја рангираше песната на 224 место од нивниот список на „ 500 најголеми песни на сите времиња “. На 14.05.2008 година, Библиотеката на Конгресот ја избра песната за зачувување во Националниот регистар за снимање .
Потсетување на овој голем хит од 1964 и 1990 година на Рој Орбисон со неговата наградена изведба од 1991 година.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк