Пред неколку дена , поточно на 23. март, се навршија точно 30 години од премиерното прикажување на легендарната романтична љубовна драма „Убава жена“ , филм кој и по толку изминати години е мошне посакуван кај публиката.
Овој голем јубилеј помина такаречи незабележано кај љубителите на филмот заради актуелната ситуација во светот предизвикана од пандемијата од вирусот Ковид -19.
Но,еве го користиме овој голем јубилеј за да се потсетиме на ова филмско остварување кое ги освои срцата на љубителите на филмот пред точно три децении.
„ Убавата жена“е бајковита приказна за една проститутка и еден деловен човек.Откако ќе се запознаат како што изминува времето, тие се повеќе време поминуваат заедно и сваќаат дека се вљубени еден во друг. Но, не е се’ така едноставно , па тие поминуваат низ бројни искушенија а нивната врска е осудена од многумина.
Насловната улога во филмот , проститутката Вивијен Вард ја толкува Џулија Робертс, а нејзин партнер е актерот Ричард Гир кој го толкува ликот на Едвард Луис.Во филмот покрај нив настапуваат уште и Лора Сан Џакомо, Хектор Елизондо како и режисерот на филмот Гери Маршал.
Улогата во овој филм ја катапултираше Џулија Робертс на А листата на актерки од Холивуд и и’ ја отвори вратата од романтичните комедии по кои стана позната во 90 тите години од изминатиот век и воедно и ја донесе и втората номинација за Оскар , овојпат за главна женска улога.
Интересно е да се спомене , дека и покрај тоа што Џулија Робертс како да била „скроена“ за оваа улога,сепак оваа улога била наменета за друга актерка.
Имено , славната актерка не била ниту блиску во мислите на продуцентите кога одлучувале кому да и’ ја доверат главната женска улога.
За улогата на младата проститутка со големо срце во која ќе се вљуби богатиот бизнисмен, продуцентите без малку ги повикале сите актуелни убавици на Холивуд од тој период:Ким Бејсингер, Ума Турман, Дебра Вингер, Џина Дејвис, Кели Мек Гилис,Мелани Грифит, Мег Рајан, Шерон Стоун, Мишел Фајфер, Мадона, Џејми Ли Кертис, Ема Томпсон, Росана Аркет и кој уште не.
Сите тие ја одбиле улогата.
Некои актери на кои им била понудена улогата имале и своја причина за одбивањето на улогата. Така, актерката Дерил Хана рекла дека не сака да настапи во филм кој ја деградира жената како личност, а на Сара Џесика Паркер , која една деценија подоцна ќе стане ѕвезда во култната серија „ Секс и град“, оваа улога воопшто не и се допаднала. Винона Рајдер и Дру Баимор , според мислењето на режисерот Гери Маршал биле и премногу млади за оваа улога.Тој ја одбил и Брук Шилдс бидејќи не му се допаднала.
На крајот , улогата и припаднала на Џулија Робертс која дотогаш имала само неколку улоги меѓу кои и оние во филмовите„ Мистична пица„ и „ Челични магнолии“. Но мора да се каже дека малку недостасувало ликот на Вивиен да го игра актерката Валерија Голино која настапи во „ Дождливиот човек“ покрај Том Круз и Дастин Хофман.
Улогата во овој филм на Џулија Робертс и ја донесе наградата „ Златен глобус“ за најдобра женска улога и номинација за наградата Оскар, награда која ќе ја освои десет години подоцна за улогата во филмот „ Ерин Брокович“.
Што се однесува до главната машка улога првиот избор на режисерот Маршал бил актерот Кристофер Рив (тогашниот „ Супермен“), но блиску до улогата биле и Даниел Деј Луис, Дензел Вошингтон но и Ал Пачино кој дури имал и читачка проба со Џулија Робертс.
Ричард Гир , откако му ја понудиле улогата, веднаш ја прифатил, иако режисерот бил против таквиот избор.
Буџетот на филмот изнесувал 14 милиони долари. Поголемиот дел од филмот бил сниман на локации во Лос Анџелес , особено на Беверли Хилс како и во студиото на компанијата Волт Дизни сместено во Бурбенк но и во неколку престижни хотели на Беверли Хилс.Снимањето на филмот започнало на 24. јули . 1989 година а завршило на 18. октомври.Уште на самиот почеток се појавиле неколку проблеми. Така на пример, познатите производители на возила „ Ферари“ и „ Порше“ ја одбиле понудата главниот јунак во филмот да вози автомобили од овие производители, бидејќи не сакале со нивните автомобили да се бараат проститутки.
Од друга страна, познатата компанија „ Лотус“ поканата за учество на нивните автомобили во овој филм , го сметале за голема реклама за нивните автомобили.За потребите на филмот тие го понудиле својот сребрен автомобил „ Есприт Есе 5 “ од 1989 година , кој подоцна бил продаден по специјална цена.
Освен тоа продажбата на моделот „ Лотус Есприт“ пораснала за три пати во текот на 1990 и 1991 година.
Филмот на кино благајните поминал одлично. За време на првиот викенд од своето прикажување , филмот заработил 11.280.591 долар, од прикажување во 1325 кино сали или во просек по 8513 долари по киносала.Во својот втор викенд , кога обично опаѓа заработката, филмот заработил повеќе одколку во првиот викенд, заработувајќи 12.471.670 долари.Тој останал на врвот според заработката и во наредните четири последователни недели. Филмот вкупно заработил 178.406.268 милиони долари во САД и уште додатни 285 милиони долари во остатокот на светот, што заедно изнесува 463. 406.268 милиони долари, што преставува четврта најголема заработка во САД во таа година и трета заработка во светски рамки.
Филмот остана запаметен и по извонредните музички теми кои постигнаа исто толку голема популарност како и филмот. Најголем хит секако е темата „ О, убава жено„ на Рој Орбисон, според чиј наслов е именуван филмот. Песната „ Тоа мора да е љубов“ во исполнение на групата „ Роксет“ се искачи на првото место на Билбоард 100 во јуни 1990 година.Мошне популарни се и музичките теми „ Кралот на фантазирање“ во исполнение на групата „ Гоу Вест“, „ Покажи ми ја душата“ во изведба на Хот Чичи Пиперс“, „ Две жени“ во изведба на Натали Кол и други.Албумот со музиката од овој филм доживеа троен платинест тираж.
За самиот крај од оваа посвета и потсетување на овој филм од пред 30 години , кој својата премиера ја имаше на 23. Март .1990 година , ќе ви презентираме неколку интерсни нешта кои се сврзани за овој филм а за кои можеби и не сте знаеле досега:
Филмот е во продукција на компанијата „ Волт Дизни“ а првобитниот наслов на филмот бил “$3000“. Тоа бил износот на пари кои Вивиен го добива за придружбата на Едвард. Насловот на филмот бил подоцна заменет со „ Убава жена“, бидејќи продуцентите сметале дека првичниот наслов ќе биде збунувачки за публиката.
Официјалниот постер за филмот е дело на фотошоп. Ричард Гир на него има црна коса ( а во филмот настапува со природна боја на косата), додека телото на Џулија е всушност телото на Шели Мишел, дублерката на Џулија во „ жешките сцени“ од филмот.
Прекрасниот гердан кој Вивиен го носи во операта е вреден 250 000 долари. За време на снимањето на сцената со герданот, покрај филмската екипа на снимањето постојано присуствувале и членови на обезбедувањето од продавницата за накит која им го позајмиле герданот за потребите на филмот.
Насловот на операта која ја гледаат актерите е „ Травијата“ . Таа преставува приказна за една проститутка која вљубува во еден богат господин.
Првично, сцените во операта требало да бидат снимени во Сан Франциско, но сето тоа се сменило поради земјотресот кој тогаш се случил па заради тоа тие биле снимени во еден историски музеј.
Во една сцена од филмот , непосредно пред да водат љубов, Ричард Гир свири на клавир , но она што можеби не сте го знаеле е дека композицијата која ја свири е негово дело. Имено, славниот актер е добар композитор и одлично свири клавир.
Една од сцените која секогаш мами насмевка е онаа кога Едвард и ја дава на Вивиен кутијата со герданот . Тој ја отвора и веднаш ја затвора што наидува на прекрасна реакција на Вивиен.Оваа сцена не била планирана.Токму тој ден Џулија не се чуствувала добро, па Ричард сакал некако да ја орасположи. Но кога режисерот ја видел симпатичната реакција на актерката , одлучил да ја вметне во филмот.
Џулија Робертс имала само 22 години кога била одржана премиерата на филмот во март. 1990 година.
Џулија за улогата се подготвувала две недели во една клиника во Холивуд.Имено, првичната верзија на филмот била Вивиен да игра зависничка од наркотици.
Во 1999 година , истиот тим кој го направи филмот „ Убава жена“ , актерите Џулија Робертс, Ричард Гир и режисерот Гери Маршал ја направија романтичната комедија „Невестата бегалка“ , кој имаше буџет од 70 милиони долари но не го повторија успехот на нивниот прв заеднички филм. Филмот заработи вкупно 310 милиони долари, што изнесува само 4,5 пати повеќе од вложените пари во него. За споредба, „Убавата жена“ на продуцентите им донесе 33 пати поголема заработка од вложените 14 милони долари.
Филмот и по 30 години и понатака е толку популарен што дури е направен и мјузикл кој требаше да се прикажува во лондонскиот Вест Енд по успешната турнеја по Бродвеј.
Пишува:Ѓоко Симјаноски/Публицитет.мк