Денес се одбележа 159 годишнината од денот кога Григор Прличев го доби Ловоровиот венец. Во негова чест во ОУ „Григор Прличев“ , а во соработка со НУ Библиотека „ Григор Прличев“ учениците имаа извонредна можност не само да го одбележат овој значаен датум туку и да го проследат видео проектот „Од животот на Прличев“ од авторот м-р Милчо Јованоски.
М-р Јованоски ненаметливо ги воведе учениците во содржините од животот на Прличев, овој видео проект ги допре клучните моменти од неговото егзистирање и најважното: закитувањето со венецот, симболот на победата, највозвишената чест во тогашните поетски кругови.
Стиховите во „Сердарот“ се како свежа вода, со секое читање на поемата во душата на читателот повторно и повторно како феникс оживува љубовта кон пишаниот збор. Безвременските зборови само ја потврдуваат моќта на перото и го утврдуваат овој генијален книжевник.
Патронот на нашето училиште, според македонската енциклопедија е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка… Но и вечна инспирација за учениците кои со гордост кажуваат каде учат, велат во дописот до медиумите од ОУ „Григор Прличев“ – Охрид.
Публицитет.мк