Уметноста има чудесни патеки, и во овие неизвесни времиња го пронаоѓа својот пат да ги допре и најдалечните катчиња на нашата планета Земја.
На 9 февруари, само пред 6 дена во градот Зима во далечниот Сибир, Русија, во организација на професор Наталија Митина од градот Сајанск беше отворена изложба на слики од Мајкл Клос (Торонто, Канада).
Нашата јавност го знае по македонските корени и тоа дека е охридски зет. Изложените слики се од колекцијата на Михаило Лисанин, уредник на весникот „Ликовни Свет“ од Целје , Словенија.
Изложбата ја отвори директорот на Уметничкото училиште проф. Светлана Татарникова, а ликовните дела ги претстави историчарот на уметност Светлана Панјина – кустос во Градската галерија во Сајанск.
Градот Зима се наоѓа на патот на Трансибирската железница блиску до градот Иркуцк и Бајкалското Езеро. Температурата во Зима достигнува до -50 Ц, и е далеку од Торонто 16 000 км.
Информациите за изложбата специјално за Публицитет.мк ги пренесе сопругата на Мајкл, Менка, која е историчар на уметност и вели: – Изложбата била многу добро посетена, исто така учениците од уметничкото училиште ја искористиле приликата да се инспирираат од сликите на Мајкл Клос.
Менка, во мејлот од Канада додава: – Оваа изложба е продолжение и доказ на нашата одамна започната мисија „Сликарството на патот до хуманаста“.
Во оваа пригода им изразувам голема благодарност на Михаило Лисанин и Наталија Митина и на сите останати кои беа ангажирани околу организирањето и реализацијата на оваа изложба, вели Менка.
Публицитет.мк