Управувачкиот комитет за справување со мигрантската криза денеска попладне по 18 часот треба да одржи состанок, на кој ќе се расправа за ситуацијата со бегалците кои се заглавени на „Табановце“, потврди за „Мета“ портпаролката на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Надица В`чкова.
– Средбата треба да биде некаде по 18 часот, но терминот кога ќе почне сè уште не е прецизиран. На состанокот особено ќе се разговара за ситуацијата со бегалците кои Србија ги враќа во Македонија – ни изјави В`чкова.
Состанокот треба да го свика министерот за здравство, Никола Тодоров, кој претседава со Управувачкиот комитет во чиј состав, покрај него, се и министрите за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за транспорт и врски и претставници на ЦУК.
Како што пренесува порталот „Нова-тв“, кампот на Табановце ноќеска се преполнил со бегалци кои биле вратени од Србија. Околу 130 мигранти заглавени во меѓузоната на српско – македонската граница синоќа мирно протестирале против одлуката на српските власти тие да бидат вратени во Македонија.
На јужната граница состојбата е мирна, но поради ситуацијата со бегалците кај Табановце, утрово и во попладневните часови речиси и воопшто да не се издаваат потврди на мигрантите од Сирија и Ирак кои транзитираат низ западно-балканската рута до земјите од ЕУ каде имаат намера да бараат азил.
Извор: www. meta.mk






