Познатиот хрватски уметник Един Карамазов вечерва настапува на „Охридско лето“ во црквата „Света Софија“.
Един Карамазов критичарите го вбројуваат во „највозбудливите и најхаризматичните лаутчии на денешницата“.
Изведувач кој смело ги истражува крајните граници на двата инструмента што ги владее – гитарата и лаутата. Лаута студирал на Музичката академија „Скола канторум Базилиенсис“ („Schola Cantorum Basiliensis“) во Базел.
Неговите фасцинантни настапи низ целиот свет, предизвикуваат воодушевувања кај публиката и кај критиката. Соработувал со голем број меѓународни оркестри и ансамбли, како: ансамблот „Хилијард“, камерниот оркестар „Орфеус“, ансамблот „Хесперион“, вокално-инструменталниот состав „Мала пуника“ и други. Во текот на својата кариера соработувал и со повеќе реномирани уметници, меѓу кои Андреас Шол, Ариана Савал, како и со познатиот британски рок музичар Стинг. Токму со овој последниов, во 2006 година снимил албум со класична музика, насловен „Songs from the Labyrinth“, кој постигнал огромен успех во светот.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои престижната награда „Едисон“ во 2002 година, потоа наградата „Кубадиско“ за најдобар странски музичар на Куба, а номиниран бил и за наградите „Греми“ во 2001 година и за наградите „Брит“ во 2007 година. Карамазов е добитник и на неколку признанија. Голем број композитори (Кшиштоф Пендерецки, Арво Парт, Никита Кошкин, Лео Броуер и др.) напишале дела за гитара или за лаута, посветени токму на овој изведувач.
Фото: Весна Костовска
Публицитет.мк