Исклучително успешна беше денешната крводарителска акција што во организација на Црвен крст Охрид и Службата за трансфузиологија од Охрид се реализираше во спортската сала на ОУ „Григор Прличев“ во Охрид, информираат од Општинската организација на Црвен крст во Охрид.
-Со почитување на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, 61 хумани наши сограѓани од кои 8 млади, првократни крводарители, даруваа од драгоцената течност. Крвта ќе биде наменета за лекување на пациенти во здравствените установи во Охрид, но и за пациенти од Охрид кои се лекуваат на скопските клиники. Изразуваме голема благодарност до крводарителите и сите учесници на денешната крводарителска акција, како и до ОУ „Григор Прличев“, велат од Црвен крст.
Оттаму потсетуваат дека сите кои прележале инфекција со Ковид-19 и сакаат да даруваат конвалесцентна плазма, тоа можат да го направат секој понеделник во Службата за трансфузиона медицина во Општата болница Охрид, каде бесплатно ќе им биде определен и статусот на антитела на Ковид-19.
Публицитет.мк