ПРОСТУВАЊЕТО Е НАЈГОЛЕМОТО ЧОВЕЧКО ДОСТИГНУВАЊЕ. На многу луѓе им е тешко да простуваат. Но, за некого простувањето значи нешто што го прави за себе, а не за личноста која му предизвикала зло. Сепак, постојат и моменти во кои не е добро да се простува.
Можеби нема личност на која не ѝ е направено нешто лошо. Сите на некој начин биле повредени, лути, огорчени и разочарани. Кај некои тоа траело со часови, кај други со денови, а постојат и такви кои лошите чувства ги носат со месеци и години, па не се во состојба да и простат на личноста која им нанесла зло. Сепак, постојат и такви кои простуваат, кои велат „било па поминало“, без разлика на тоа колку било тешко направеното. Тоа не го прават поради страв, срам, чувство на вина, своја попустливост, пасивност или затоа што други ги наговориле, туку поради силата на својот карактер, затоа што се убедени дека тоа е добро.
Зошто да простуваме?
Многумина се прашуваат зошто да се простува, ако некој толку многу не повредил? Типична реченица е: „Не заслужил да му простам“. Понекогаш им се чини дека со простувањето признаваат дека тоа што другиот им го направил и не е толку лошо. Па, зошто некому да му простиме?
Одговорот на ова прашање не е едноставен, но, кратко речено, со простувањето стануваме подобри и посреќни. Со простувањето на оној што ни згрешил не му признаваме дека тоа што го направил е добро. Со простувањето си помагаме себеси да не живееме во постојана огорченост и да бидеме среќни и задоволни.
Понекогаш е многу тешко да се прости и веднаш не можеме да прифатиме дека простувањето е вистинската работа што треба да ја направиме. Одмаздата знае да биде слатка, а вртењето на другиот образот не мора да значи дека нема да добиете и по него. Знаејќи го сето тоа, човекот мора да биде силен за да прости и на другата личност да ѝ даде втора шанса. Ако во тоа се успее, тоа ќе е ново искуство што потполно ќе ви го смене однесувањето и гледањето на светот.
Простувањето е најголемото човечко достигнување
Да се прости значи да се откажете од огорчување, од лошото мислење и игнорирање на личноста што неоправдано ве повредила, притоа развивајќи го она што таа не го заслужила: сочувство, големодушност, па дури и љубов. Тоа не е едноставно и, можеби, тоа е најголемото човечко достигнување.
Некому да му се прости значи нешто да се направи за себе, а не за личноста што го предизвикала злото. Многу народни поговорки зборуваат за тоа како огорчувањето и омразата повеќе ѝ штетат на личноста што е повредена отколку на личноста која направила нешто лошо. Бившиот американски претседател Бил Клинтон го запрашал Нелсон Мандела како успеал да им прости на своите затворски клучари. На тоа Мандела одговорил: „Кога излегов низ вратата од затворот на слобода, знаев дека ако продолжам да ги мразам тие луѓе и понатака ќе бидам в затвор“.
Во некои случаи не треба да се прости
Простувањето како особина на личноста, на самиот себеси и на другите, е во позитивна врска со менталното здравје и психолошката корист. Лицата што простуваат помалку се депресивни, помалку се лутат и помалку се непријателски настроени кон другите. Сепак, малку е сложено. Има и такви состојби во кои не е добро да се прости. Во некои насилнички односи простувањето не е добро: може особата што простила да биде полесна мета за нова повреда („нема врска што ја тепам, пак ќе ми прости“), а гледачите можат да добијат впечаток дека жртвата е навистина виновна („бидејќи му простила, сигурно и самата се чувствува виновна“). Во секој случај, потребно е да се разликува простувањето како процес што предизвикува помала огорченост, напнатост, депресивност и опседнатост со тоа што е направено и простување што предизвикува уште поголемо малтретирање. Во првиот случај се работи за позитивна појава што го зголемува животното задоволство. Во вториот случај простувањето (ако тоа воопшто може така да се нарече) и понатака ја одржува состојбата на несреќа.
Не трошете го времето на негативни мисли
„Одгледувањето“ на огорченоста и одмазничките мисли може моментално да предизвика подобро чувство ама на подолг рок ќе ве направи несреќна и незадоволна личност. Размислете што се може да се случи ако ги спроведете своите одмазнички мисли во дело. Размислете за тоа каква полза ќе имате ако своето време и својата енергија ги трошите на негативни чувства. Каде ќе ве однесе тоа? Зар не е подобро тоа време и таа енергија да ги трошите за нешто позитивно, за нешто добро и за себе и за луѓето што ги сакате?
Простувањето не го менува минатото, но ја збогатува иднината.
Следна недела: Луѓето сакаат да слушаат и да зборуваат за другите.
Пишува:
Академик д-р Миле Миќуновиќ од Охрид