Дебарско – кичевската епархија ги известува своите православни верници дека на 31 јануари (среда), во метохот на манастирот Св. Наум Охридски – „Св.Атанасиј Велики“ – Љубаништа, со почеток во 9 часот, ќе се служи света архиерејска литургија по повод празникот „Св. Атанасиј Велики“.
Со литургијата ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј.
Дебарско – кичевската епархија ги повикува сите свои верници на заедничко прославување на овој празник.
Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…)
Нашиот народ два пати го празнува споменот на Свети Атанасиј Велики. На 31/18 јануари се празнува празникот Свети Атанасиј или Танасовден -зимен, а на 15/2 мај Свети Атанасиј Велики или Танасовден – летен. Свети Атанасиј наречен Велики е роден во Александрија во 296 година. Едно време минал во пустина заедно со Свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква.
Публицитет.мк