Постојат навистина голем број на песни кои со својата содржина , музика, интерпретација, носталгична моќ…имаат способност да го пренесат слушателот назад во времето каде што за првпат ја слушнале , без разлика колку било тоа одамна.Како на пример во времето кога на радио се чекаше да биде емитувана некоја омилена песна и кога со касетофонот подготвен за снимање ќе се „фатеше“ песната за да може потоа да се слуша , онака, за своја душа до бескрај…
Една од тие такви носталгични песни секако е песната „Вчера уште еднаш“ на групата „Карпентерс“.
Кога бев млад, слушав радио
Чекајќи ги моите омилени песни
Кога ќе засвиреа, јас пеев заедно со нив…
Така гласи првиот стих од оваа носталгична песна напишана во далечната 1973 година од Ричард Карпентер и Џон Бетис . Таа е водечка песна на Б страната албумот „Сега и тогаш“ на кој се наоѓаат осум песни со мелодии со носталгични ноти од 60 тите.
Песната стана мошне брзо голем хит кој мошне брзо се најде на врвот на многу топ листи во светот. Воедно тоа беше нивниот осми хит кој се искачи на првото место за четири години.
За овој успех голем придонес секако имаат и зборовите од песната со кои е раскажана приказната на животот на многу млади од тоа време но во истовреме таа говори и за животот на истите тие ,тогаш млади луѓе , денес.
Тоа беа толку среќни времиња и не толку одамна
Кога се прашував каде отидоа,
Но тие се вратија повторно, како изгубен пријател
Сите песни што ги сакав многу…
Зборови кои слушателот го враќаат назад во времето кога можеби се живеело подобро , повесело , побезгрижно…Нешто што секоја генерација не може во целост да им го дообјасни на своите наследници.И така , во круг.. Секој си има своја младост, свои спомени, свои доживувања кои одвреме навреме доаѓаат како спомени носени од нотите на некоја песна од нивното време…
Можеби затоа потсетувањето на овие прекрасни песни може да се спореди со повторната ненадејна средба со некој стар пријател кого не сте го виделе со години .
Денес ви нудиме една таква средба со групата „Карпентерс“ и прекрасниот глас на Карен Карпентер.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк