Куќата е опеана и во песни, па, така, вевчанскиот поет и сатиричар Сашо Бетоски на вевчански дијалект напиша песна за неа, насловена „У Китаној“, во која вели:
„Можда си бил во најскапи аној, но како нигде да не си бил ак не си бил у Китаној. Домаќинки од душа те служет, домаќини до утро те дружет. Таму под дренот најбргу врви денот“.
Поетот Васил Мукаетов во песната „Куќата вевчанска китаноска“ опишал како тој го доживува ова здание, полно со историја, приказни и со легенди:
„Бев во одаите
видов високи тавани и калкани
но и долапите во ѕидовите
од мајсторите дримколски,
со раце надарени на куќа
подарени
И скалите послани
со ќилимите,
со мераците на домаќините.
Куќата со широка душа како
и сајбиите
отворени порти, отворени
капиите.
За сите намерници, во празници и во делници…“
Нам портите на куќата широко ни ги отвори Мишо Китаноски, познат поет, публицист и хроничар на Вевчани, но и претставник на петтата генерација на лозата Китановци, заедно со Роса и Ранко и нивните семејства.
– Идната година се подготвувавме да одбележиме 111 години од поставувањето на нејзините темели, со монографија и изложба на архивски документи. Куќата е уште жива, еве летово оттука излезе и невеста, мојата внука. Однадвор не смее да се менува бидејќи е заштитена како историски споменик, но и нејзината внатрешност е автентична – ни рече љубезниот домаќин, Мишо Китаноски.
Тој со своите приказни нѐ врати со години назад за да ни опише како се градела и на што сѐ одолеала Куќата на Китановци и да ни открие некои тајни поврзани со неа што се пренесуваат од генерација на генерација.
– Столб на нашето семејство е мојот прадедо Јован, кој имал четири деца: синовите: Косто, Митре и Андре и ќерката Менка. Браќата биле познати угостители во Солун, а потоа заминале во Галац, Романија, каде што исто така биле многу успешни. Куќата почнал да ја гради прадедото Андре, кој во 1898 година го купил плацот, а камен-темелникот е поставен пролетта 1904 година. На свеченоста присуствувале охридскиот валија и чаушот со дваесетина војници. Куќата била завршена во 1906 година. Во целиот објект (куќата, авлиите, просториите за стоката и економијата, плевната, куличето и подѕидувањето на јазот и целиот простор) се вградени околу 2.500 кубни метри камен. За четирите години колку што траела градбата постојано биле ангажирани 25 работници, а греди и друг материјал се носеле од планината Јабланица. Каменот, кој го делкале познатите дримколски мајстори, се плаќал во злато – раскажува Мишо Китаноски.
Икона-заштитничка на куќата е Богородица, донесена од Одеса, која била вградена во еден од ѕидовите, во присуство на три попа. Приказните ги слушавме во старата кујна, каде што речиси сѐ е исто како порано. На стариот шпорет домаќинката Мими, сопругата на Мишо, вареше слатко од смокви и тоа во големи количества бидејќи тука речиси секојдневно доаѓаат гости и туристи од цела Македонија, но и од странство. Пробавме и од сребрената ракија, чиј начин на подготвување се пренесува од поколение на поколение.
– Прадедото Андре, градителот на куќата, рецептот за сребрената ракија го донел од Галац, Романија, а го дознал од некој Германец, кој му го кажал во 1895 година. Сега ракијата ја прави брат ми – ни кажа нашиот домаќин.
Дури и садовите во кои се јадело во оваа куќа се скапоцени и сѐ уште се чуваат на полиците.
– Јас јадев во овие порцелански чинии донесени од Мастрихт, Холандија во 1915 година. Но тука се и вршникот, кофторот што во зима сѐ уште баботи, вградените долапи, ковчегот од прабаба ми стар 137 години. Сѐ уште ги чуваме и канабето и фотелјите и огледалото донесени од Солун во 1907 година. На нив седеле и народниот херој Кузман Јосифовски Питу и писателот Владо Малевски за време на Втората светска војна, а тука беше сместена и партизанската радиостаница – објаснува Китаноски.
Фотелјите во 1941 година ги зеле Албанците, како и старите пиштоли и други предмети, но по ослободувањето сѐ било вратено. Мишо Китаноски ни објасни и што е тоа ќемер, приказна што и нему му ја пренеле за неговите прадедовци.
– Кога ќе дојделе од печалба тројцата синови на прадедото Јован се ставала сребрена тепсија среде соба. Сите околу појасот носеле ќемер, специјален појас направен од кожа, кој бил полн со златото што го заработиле. Тие, ден по друг, го истурале во тепсијата, а прабабата Андрица оценувала кој колку заработил – раскажува тој.

Навечер куќата ја чувал чувар кого исто така го плаќале во злато. Вградените тули (еркери) биле донесени од Белгија, а оковот од Солун. Секој кат бил изолиран еден до друг со хоризонтални врати. Во оваа куќа првпат во охридскиот регион бил поставен патос (под од оревови штици дебели 4 сантиметри) и на секој кат имало бања. Дворот на куќата бил опколен со ѕид висок 3 метри. Куќата имала излез од три страни, а капаците на прозорците биле така изработени што кога ќе се затвореле навечер не се проѕирала никаква светлина. Поради оваа предност во текот на НОБ од 1942 до ослободувањето во неа престојувале истакнати борци, се лекувале ранети, се криеле партизани и се одржувале состаноци. Во неа е формиран и првиот Народен одбор на струшката околија. Во знак на заслуга, на 2 август 1954 година, на куќата е откриена и спомен-плоча.
Во оваа куќа е направен и првиот македонско-романски речник со 87 збора.
– Кога стрико ми првпат требало да тргне на печалба во Романија, се собрале печалбари и направиле речник за да му го олеснат патувањето – открива вевчанскиот хроничар Мишо Китаноски.
Приказните ќе продолжат да се прераскажуваат како сведоштво за едно дамнешно време за кое и во иднина ќе сведочи Куќата на Китановци, најстарата, најголема и најубава градба во Вевчани.
