Во ова празнично расположение кога сите уживаме во благодетите кои ни ги дава животот сосема искрено и случајно прочитав еден пост на социјалните мрежи за лик кој што лично не го познавам, човек од Охрид кој редовно споделува објави за донации и хуманитарни активности кои ги извршува со помош на своето семејство и пријателите. Имено во објавата се работеше за помош на деца и тоа мене моментално ме заинтересира. Чоекот навистина ме воодушеви (ретко сретнувам такви луѓе во денешно време). Неговата хуманост и добрина беа за почит и поздрав, па му честитав јавно на човекот.
Ова е вистинска божиќна приказна која со задоволство и почит сакам да ја раскажам на нашиот блог во рубриката ОД БЛИСКУ СО….
Со оглед на тоа дека добрината е нешто што мене лично ме инспирира и мотивира, а воедно и како организација ЕУ ИНСТИТУТ Скопје се трудиме на тоа поле да внесеме позитивно влијание во заедницата подигнувајќи ја општествената свест на луѓето, решивме како тим медиски да ја поддржиме хуманитарната работа на “Кај Каневче“ за да се популаризира тоа што тој го работи како хуманитарна активност и општествена одговорност и воедно да ги активираме сите оние кои сакаат да донираат.
Денес во време на глобална пандемија, Ковид-19 криза, финансиска и економска немоќ на луѓето ретко се среќаваат личности кои сакаат да помогнат. Но еве, како македонци можеме да се пофалиме дека ова е еден успешен пример за хуманост.
И да не должам многу, човекот ме побара, ми возврати и при непосреден разговор сфативме дека и двајцата сме во Холандија во текот на нашето договарање. Секако ова не беше пречка за да реализираме соработка туку напротив мотивација и заеднички да направиме добро дело.
Почитувани читатели следбеници со особена чест и задоволство ви го претставувам Димче Каневче. Го нарекуваат и македонскиот Робин Худ. Човек активист и хуманитарец кој помага на деца од социјално загрозени семејства, возрасни луѓе кои се на работ на својата егзистенција, деца со пречки во развојот и што уште не.
Велат човечно е да помогнеш на некој и за да помогнеш не мора да си исклучително богат. Некогаш може да се помогне и со збор, мисла, некогаш може и да се подели она што мислиме дека ни треба, а всушност воопшто не го користиме и не ни е потребно. Битно е да имаме желба, мотив, добра волја, да стапиме во акција и да бидеме луѓе пред се и во добро и во лошо. Секој од нас е потребно да има чин на добрина бидејќи тоа подразбира и чин на среќа. Довербата во луѓето се стекнува преку дела но како што кажал Мишел Де Монтањ, довербата во добрината на другиот до нас е вистински доказ за сопствената добрина.
Пред се ви благодарам на укажаната можност за интервју и соработка. Роден сум во Охрид-Канео, македонскиот дел од рајот. Имам 49 години и сум сопственик на ресторанот “Кај Каневче“ кој го работам заедно со брат ми, веќе 10 години. Образованието го завршив на факултетот за туризам и угостителство, како менаџер по угостителство и туризам. Повеќе од 20 години сум активист во здруженија на граѓани во кои се трудам да го подобрам квалитетот на живеење во различни сфери во секојдневното живеење, а во матичната организација Младински Совет Охрид конкретно на програми, проекти, активности за младите. 15 години предходно работно искуство имам како вработен во ЕСМ/ЕВН Македонија.
Сакам се што мене лично ме исполнува, а тоа е дружење со пријателите, пиење кафе со нив разговарајќи долго, читање книги кои го привлекуваат моето внимание, патување и истражување нови дестинации, каде ќе најдам нешто што можеби само мене ќе ми е убаво. Сакам македонска музика, народна или забавна, сеедно. Сакам дел од времето да го поминам со моите внуци Софија, Наум и Димитриј, кои знаат да ми го направат денот најубав, но и да ме изнервираат како никој друг дотогаш.
Сакам убави луѓе и затоа скоро секој ден преку мојот ФБ профил на различен начин ги поздравувам со изразот “убав ден убај“, сакам природа но и природни луѓе кои не се грижат што прават, како изгледаат, како се однесуваат но заради другите, затоа што таков сум и јас… свој, едноставен, единствен. Моето животно мото, е јас можам.
Секој ден носи свои дарови
Марко Аврелиј
Понесен од оваа мудра мисла решив секојдневно да дарувам по нешто, парче леб, некое денарче, насмевка, убава мисла… И тоа не е од денес, тоа не е од вчера.
За да даруваш добрина, истата треба да ја имаш во себе, секако ако тоа дарување не е заради остварување на некаква цел, за извлекување корист или себе воздигнување. За среќа, јас таа добрина сум ја наследил од моите родители кои од мал ме насочуваа кон правилно вреднување на нештата, кон подавање рака кога треба, кон помагање и почитување на другите. Ова придонесе од секогаш да сум дел од разно разни акции (најчесто организатор и иницијатор на истите). Тоа пак, резултираше да станам дел од ученичките заедници, студентски организации, разни граѓански здружувања и како нивен раководител. Да напоменам дека секогаш дел од активностите имале добротворна компонента. Така јавноста и најмногу ме познава.
Повеќе од 25 години сум во невладиниот сектор, но оној вистинскиот. Имав можност да се сретнам со голем број на предизвици. Најголемиот дел од нив ги добив преку контактите со здруженија кои работат со лица со попреченост во кои голем дел беа и членови на сиромашни семејства, како и од контактите со лица кои живеат во руралните делови (села) во непосредна близина на градот, особено преку децата во тие семејства кои не ретко доаѓаа на активности голи, боси, гладни.
Поддршката која ја давам на семејствата почна поодамна и не можам да кажам случајно, затоа што случајност нема, се е Божја воља, па така и моите почетоци се најверојатно со Божја промисла.
Собирајки ситни пари во касичка, одлучив на крај на година не да ги пребројам, па да си купам нешто со тие пари, туку да помогнам на семејство на кое навистина му треба помош. Се сеќавам тоа беше семејство во кое имаше дете со церебрална парализа. Мајката не работеше, а бабата беше болна. Имаа и уште едно дете. Таткото беше работник. Беше тоа едно стресно искуство, но откако се заврши тоа, чувството на радост ја однесе целата тешкотија. Тогаш донесов одлука, секоја година, парите од касичката да ги користам за таква намена. Иако од тогаш поминаа 20 години, истото го правам и ден денес.
После тоа некако природно дојде да не мора да се чека празнење на касичката, повремено. Неколку пати во годината некоја мала заштеда ја користев да израдувам некого. Тоа беа малку пари, па почнав за својата идеја да запознавам дел од другарите/ките, пријателите/ките, па секој по малку ќе дадеше, ќе набавевме она што е најосновно и ќе се упатевме во некое до семејствата за кои ќе разберевме дека има потреба од основни намирници на храна и средства за хигиена. И секако, за тоа никој не знаеше.
Со појавувањето на facebook, организирањето доби друга димензија, па кога ќе сакав да помогнам на некое семејство, ќе формирав затворена група или пак ќе направев настан (на почетокот од затворен карактер) идејата ќе ја споделев, па откако секој кој сакаше ќе ме поддржеше, ќе се собереа средства (па според висината) ќе се одлучеше на колку семејства може да им се помогне.
И сето тоа дискретно… Се додека за еден случај не излезе работата од контрола. Беше месец Декември и јас го направив настанот “Девојчето со кибритчињата“ со кој преку моите пријатели, сакав да обезбедам празнични пакети и празнична трпеза за три семејства за Божиќ. Но кога се повеќе луѓе вклучени доволно е еден да раскаже надвор од кругот, па приказната да се рашири. Тогаш, почнаа да ме бараат и луѓе кои сакаа да се вклучат да помогнат, но и луѓе кои бараа помош. Се пренесе информацијата и преку дел од локалните медиуми и веќе немаше прилика се да се врати во затворениот круг.
Доколку сакате да сте дел од активностите на Димче Каневче и неговата благородна хуманитарна работа можете да го контактирате на меил: kajkanevce@gmail.com или телефонски на: 070 800 760.
Со почетокот на пандемијата и Ковид- 19 со моја другарка Ана размислувавме што да правиме, а да сме од корист на луѓето кои ќе имаат различни потреби. Логично беше да правиме набавки и да вршиме достава. Објавивме на нашите ФБ профили, како и на профилите на страните на нашите фирми и добивме многу позитивни реакции. Почнаа да се пријавуваат луѓе кои имаа потреба од пазарење, но почнаа да пишуваат и луѓе кои бараа храна и средства за хигиена. Беше интересно. Едни бараа едно, други бараа друго и имаше баланс во емоциите пред се. Како одминуваше времето, се поголем беше бројот на тие кои бараа помош во храна и средства за хигиена, но и лекови, но нашите финансии не беа толку големи за да може товарот да го понесеме лесно. Размислувањето беше: да се прекине со тоа што го правиме или да најдеме начин и ние да добиеме поддршка, па да продолжиме.
И, во тој момент се појави женичка, болна, тешко подвижна, сама, која прво ни побара храна, а после тоа ни испрати и листа со потребни лекови (не беа малку). Кога сето тоа го обезбедивме и го однесовме, жената во солзи ни предложи да направиме фотографии и да ги објавиме, па како што таа ги видела нашите објави, да видат и други и таа нејзина сторија да биде поттик на луѓе кои ќе видат дека навистина помагаме, да ни помогнат нас.
Така и направивме, а фотографии поставувавме и од секое наредно донирање, секако со предходна согласност и договор со семејството. За среќа, речиси сите сакаа да се фотографираме и да објавиме фотографија, некои бараа да ги замаглиме ликовите, посебно на децата, а мал број, не одбиваа, што ние го почитувавме.
Се формира еден убав триаголник: луѓе на кои им треба поддршка, луѓе кои сакаат да се вклучат да помогнат и ние кои секојдневно бевме и со едните и со другите. Настана тогаш еден период на негодување на социјалните мрежи околу фотографиите, но секогаш наоѓав време да објаснам што преставува тоа што го правиме.
Димче Каневче во периодот 2012-2017 год. работеше на развој на локална филантропија и дарување.
Активностите кои ги реализирав на ова поле (локална филантропија и дарување) ми помогна да дадам соодветни и коректни одговори на обвинувањата кои на почетокот и не беа малку, нити пак беа едноставни за да ги премолчиме. Но, како одминуваше времето, потребата од објавување на фотографии со семејствата на кои им помагаме се намали, па фотографиите кои ги објавувавме беа од припремените пакети и гајбенца со храна и средства за хигиена, со пакети со облека и обувки и слично.
Така, во последниве 20 месеци, моето хоби, прерасна во неформална иницијатива, наречена едноставно, Кај Каневче ДОНИРА, затоа што за потребите на акциите најмногу се користеше страната на мојот ресторан ,“Кај Каневче“.
Споменувајки ги пакетите и гајбенцата со прехрана и средства за хигиена, би сакал да напоменам дека до моментот на подготовката на ова интервју, доставени се над 1200 пакети, а често пати тие беа пропратени со над 60 пакети со облека и обувки, повеќе од 20 пакети со бебешка облека и реквизити за бебиња, како и 8 акции за обезбедување на покуќнина. Овие активности одат под името, а воедно и хаштагот #КајКаневчеДонира.
Доколку сакате да сте дел од активностите на Димче Каневче и неговата благородна хуманитарна работа можете да го контактирате на меил: kajkanevce@gmail.com или телефонски на: 070 800 760.
Споменувајки ја пандемијата, вредно е да ја напоменам акцијата за поддршка на пациентите со корона, при што организиравме набавка и достава на 25 лица во изолација, дел во своите домови, дел во објектите кои беа назначени за лица кои се враќаат од странство, а за Охридската болница обезбедивме 9 регулатори за кислородна поддршка, 250 охајо маски, како и голем број медицински маски за еднократна употреба.
За пациентите во Охридската болница, како и за дел кои беа сместени во Кардиолошкиот завод обезбедивме 6000 шишиња вода, 100 литри природен сок, над 1 тон разновидно овошје, како и 100 оброци.
Во првите неколку месеци, кога маските беа неразумно скапи, поделивме над 3000 маски. Оваа акција, поради тоа што најмногу се реализираше на почетокот од пандемијата, како и во време кога имавме карантин и полициски час, се реализираше под името #останидомаакнемашшодапрајш (остани дома ак немаш шо да прајш).
Со доаѓањето на Септември оваа 2021 (особено и минатата 2020 година) кога наставата се одвиваше он-лајн, голем беше бројот на деца кои немаа уреди за следење на настава. Преку донации, а и преку платформата Донирај компјутер, со акцијата #образованиезасекоедете (образование за секое дете) успеав да обезбедам повеќе од 100 уреди, како и над 200 ранци, полни со училишен прибор.
Во меѓувреме, започна со работа мојот ресторан, кој работи сезонски, но поради пандемијата, работата значително се намали. Имајки повеќе слободно време, започнавме да подготвуваме оброци и истите да ги донираме на семејства со помалку можности. Така започна акцијата #нахранисемејство (нахрани семејство) во која тековно се приклучуваат голем број на индивидуалци кои сакаат да зготват комплет топол оброк и истиот да го донираат. Во овој контест човечки е да ја споменам новинарката Весна Миленкоска која за ова да функционира (кај мене) придонесе преку нејзината желба да готви секој Четврток во месецот, па од тука започна и нејзината акција #зготвииподари.
Досега, со љубов се подготвени и донирани над 1700 оброци кои содржат салата, предјадење, главен оброк, десерт, леб и пијалок. За одбележување е дека во изминатиот месец се вклучија и 7 угостителски објекти со кои е договорена месечна донација, со што месечно ќе се донираат плус 300 оброци, од оние кои ќе ги припремат индивидуалните донатори.
Не беа само луѓето гладни, гладни беа и голем број на кучиња, кои во периодот додека не работеа угостителските објекти, а и општо кога имаше карантин и полициски час, се појавија во зголемен број.
На иницијатива на мојата другарка (во акцијата и партнерка) Ана ја започнавме акцијата #нахраникуче (нахрани куче), при што секогаш кога има прилика, се приготвува јадење и истото им се дава на кучињата скитници, на неколку локации низ градот и околината.
Празниците, сами по себе се убави, а кога тие ни доаѓаат, се зголемува мотивот за што повеќе да има среќни лица, весели семејства, насмеани деца. Од тука, сакајќи да ги насмевнеме децата во семејствата во кои редовно помагаме, а и во оние на кои инцидентно сме им помогнале, ја почнавме акцијата #ЕлкоЕлко.
Елко Елко 2021 година помина во знакот симболичната поделба на 365 новогодични пакетчиња, сакајќи да потсетиме дека Нова година не е само еден ден, дека децата таква возбуда заслужуваат секојдневно. Покрај пакетчињата, поделивме и нова облека, како и разно разни подароци, на кои децата, најмногу му се радуваа. За жал некои за прв пат.
Оваа година, Елко Елко 2022 има поинаков концепт. Ќе се реализира во две фази, првата, како и минатата година со поделба на 365 новогодишни пакетчиња, а втората, со организирање на неколку средби во различни локали и објекти во Охрид и Струга, на кои ќе се донесат децата во чии семејства помагаме. Нивната бројка очекуваме да биде над 100, при што секое дете ќе биде пратено од една личност од семејството и за сите ќе има празнична закуска, пакетче и подарок.
Она што сакам да го потенцирам овде, е фактот што децата кои ние ги вклучуваме на празници, не се деца чии родители се членови на било кое здружение, туку деца кои секојдневно ги среќаваме во нивните домови, на училиште, на улица, пред маркети, пред угостителски објекти, дел од нив барајки пари или храна. Овие празнични средби, планирано е да ги организираме од 8ми до 14ти Јануари 2022 година.
Поддршка и внимание заслужува секој. Од самиот почеток, а на нивно барање. Им даваме поддршка на здружението за деца со посебни потреби “Тајните на моето срце“. Минатата година, но и оваа по повод 3ти Декември, кој воедно е и нивни роденден, обезбедивме закуска и скромни подароци за секое дете. Обезбедивме едукативно-дидактички материјали за здружението, како и пакети со прехрамбени средства и средства за лична хигиена.
Со желба да се подобрат условите во Домот за доенчиња во Битола, за Божиќните празници во 2021, обезбедени се и донирани 19 пакети со памперси, средства за лична хигиена како и храна за бебиња, а во ресурсниот центар за деца со посебни потреби исто така во Битола, неодамна, однесени се 20 комплети јоргани перници и постелнина, 20 комплети за орална хигиена, 50 комплети пижами, долна облека и чорапи, 150 пакувања шампони, течен сапун и средства за дезинфекција, по 50 литри средство миење на садови, доместос и средство за миење на подови, 150 ролни тоалетна хартија, 50 литри природен сок, 50 комплети училишен прибор, пакети со прехрамбени производи за кујната на домот, пакети со освежување, солени и слатки задоволства за децата, играчки, друштвени игри и сл.
Средствата за поголемиот дел од донацијата се обезбедени преку добротворната роденденска забава, организирана под мотото “Мојот РОЗОВ свет“ сакајќи да се подигне и свеста за битките кои се водат против ракот на дојката.
За потребите на центарот обезбедени се и 8 компјутери, а за три дечиња и таблети за директна работа преку нивните персонални асистенти.
И верските празници ни беа убава прилика да радуваме семејства. Така под мотото #празничноисти (празнично исти) за големите празници Божиќ, Велигден, Бајрам и Рамазан обезбедивме над 250 празнични оброци како и над 150 гајби со храна и скромни празнични подароци.
Ова е ОД БЛИСКУ СО…Димче Каневче една благородна несекојдневна пракса на хуман човек, која на задоволство на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје (верувам и ваше) ни ја раскажа од блиску.
Која е причината поради која се бавите со ова хуманитарност?
Причините за мојот активизам се јасни. Ако земеме во предвид во какво општество (држава) живееме, во услови кога институциите не функционираат како што треба, раководени и опслужувани од голем број несоодветни кадри, кога државата нема стратегија за соодветен третман на разните категории луѓе кои се под различен социјален ризик, во период кога невработеноста е голема, кога голем број семејства немаат услови за да поминат ден за ден (не од 1ви до 31ви), кога дечиња и возрасни лекуваме со СМС пораки, донации и собирни акции, кога помагаме по објавен случај на медиум, сосем природно, само по себе ми доаѓа да помогнам на некој. Кога знаеш дека тој до тебе нема и е немоќен, да направиш нешто за него. Пак да напоменам, ова важи за оние луѓе кои одговорноста си ја носат во себе.
Кој ви помага во реализацијата на активностите кои ги извршувате?
Ако станува збор за директна помош во спроведување на акциите, сакам да напоменам дека помошта ја имам од Ана (ја споменав и претходно) другарка со срце како планина. Честопати милувам да речам дека таа е моја лева рака (левичар сум па стопати и се шегувам на своја сметка). Кога треба нешто да се направи во одреден рок, а не сме во можност ние двајца, тука е брат ми, тука се уште два тројца пријатели кои секогаш се тука за нас.
Во однос на донациите, без разлика дали се работи за материјални добра, парична помош или услуги, тука се добронамерните сограѓани најмногу, но помагателите ги има од цела Македонија. За среќа. Тука се и Македонците кои се растурени по светот, кои со скромни донации најчесто интервенираат кога е најпотребно. Имам и пријатели, странци, кои сум ги запознал како гости во мојот ресторан, па не ретко и тие знаат да направат уплата.
Би сакал да напоменам дека речиси сите тие се луѓе кои помагаат се од некоја средна класа, ако постои веќе истата. Луѓе со скромни примања, луѓе од секојдневието, луѓе на кои разните човечки судбини им се блиски. За жал оние другите, на кои не им е никаков проблем да покријат било каков трошок, сега за сега ги нема. Барем не во моите прикаски.
Доколку сакате да сте дел од активностите на Димче Каневче и неговата благородна хуманитарна работа можете да го контактирате на меил: kajkanevce@gmail.com или телефонски на: 070 800 760.
Што ви недостасува највеќе во овие акции?
Она што недостасува тука е поддршката од бизнис заедницата. Би сакал да кажам дека еден од принципите по кои се раководам, е принципот да не барам. Значи сите што се вклучиле досега, се вклучиле по сопствена желба. Уверен сум дека доколку побарам помош од компаниите, барем на локално ниво, ќе добијам многу повеќе, но тоа е веќе сосема друг проблем.
Општествената одговорност е на толку ниско ниво, што ако некоја компанија дава, тоа сака да е проследено со јавност, медиуми, најчесто за празници и секако, целна група се деца со попречености, здружени во било каква форма. Има исклучоци, за нив знам јас и знае јавноста, но не може тие секого да го поддржат, не бараат тие признание и не праќаат соопштенија до јавноста преку медиумите. Оние неколкуте кои мене ме поддржале го направиле тоа преку лица кои веќе ги познавам и истите случајно се мои познаници, а се во одредена компанија. За тоа сум им секогаш благодарен.
Дали имате поддршка од локалната самоуправа?
Веднаш ќе ви кажам не. Сигурен сум дека и тие како институција добро се запознаени со мојата работа, затоа што јас сум во општествените текови на локално ниво секогаш присутен, на било кој начин од моето функционирање. Не велам дека ова важи за новата локална власт, но за сите претходни досега да, важи.
Кога сум кај институционалната поддршка, сакам да ја споменам поддршката на кабинетот на Претседателот на Република Македонија, господинот Стево Пендароски, кој донираше 50 пакети со храна, онолку колку што како бројка побарав кога ме прашаа, од Амбасадата на Франција ми сугерираа да подготвам проект во рамките на нивните годишни поддршки, а оваа година, очекувам дека и сопругата на претседателот ќе се вклучи со нејзина донација во дел од активностите, затоа што начелно е воспоставен контакт.
Преку инстаграм профилот (за да го истражам теренот) се обратив до најпознатите политичари, јавни личности од светот на музиката, уметноста и културата, на познатите инфлуенсерки, а секако, очекувано, реакција нема.
Не сакам да го занемарам фактот дека и медиумите се на некој начин институција, посебно ако се знае нивната моќ, на локално ниво. За жал, ме нема има исконтактирано ниту еден медиум иако своевремено додека работев на разно разни проекти во матичното здружение, редовно бев нивни гостин, едно што секогаш имав што да кажам, друго што не ретко им потполнував медиумски простор, кога тие ќе имаа потреба.
Колку заедницата го препозна и поддржа овој ваш благороден чин?
Доколку зборуваме за граѓанскиот сектор со сигурност можам да кажам дека мојата мисија е препознаена. Голем број на граѓани упатуваат честитки и благодарност за ова што го правам, големото браво го слушам и читам секојдневно и од сите категории на луѓе.
Иако не се малку тие кои на дело ме поддржале, сметам дека поголемиот дел освен со збор, не сториле многу повеќе. За жал и моето најблиско опкружување спаѓа во оваа категорија, со таа разлика што кај нив барем го нема тоа браво. Но тука нема место за лутење или за било каков негативен коментар. Не секој има еднакви чувства, нити пак еднакво гледа на луѓето и на нивните проблеми. Но мене искрено одамна тапкањето по рамо ми претставува туркање надолу, не ми значи многу.
За бизнис заедницата спомнав исто така. Многу малку компании се вклучиле во акциите и не само тоа, тие еднократно помогнале, искрено не верувам дека би им било проблем тоа да им е редовна пракса. Но пак да напоменам не е за судење, можеби ако барам, ќе добијам, но засега не барам.
Сакам да споделам и нешто друго во врска со компаниите, тие поголемите. Кога ги спремав празничните акции по повод големите верски празници, меилови и писма, уредно и професионално напишани, испратив на повеќе од 100 компании. Позитивен одговор добив од 4 компании, додека другите воопшто не одговорија. Тоа зборува за нешто друго.
Доколку сакате да сте дел од активностите на Димче Каневче и неговата благородна хуманитарна работа можете да го контактирате на меил: kajkanevce@gmail.com или телефонски на: 070 800 760.
Која е вашата најголема радост од оваа работа?
Велам, мирниот сон е најмеката перница. Посебно кога легнувам, а знам дека дента сум направил едно мало добро дело, тогаш перницата е уште помека.
Мојата најголема радост е…..
Радост е кога тетка Соња ќе ми напише два три збора на ФБ, само за да ми кажи дека не е добра, ама кога ги гледа објавите на ФБ и е подобро.
Радост е кога Џемиле ќе ме пресретне на улица и по не знам кој пат ќе ми рече “многу сте добар господине Каневче, госпо со арно да ве радва“.
Радост е кога Дејан ќе ми рече “чичко Каневче“ во секое време, ако ти затреба мајстор, за било што, барај ме.
Радост е кога Драган ќе ми напише порака дека зел плата, па да се видиме да ми остави едно илјадарче.
Радост е кога Мими ќе ми викне ,,ај бе кога ќе дајме 50тина пици,,
Радост е кога ќе влезам во дворот на Сабина и кога малиот син ќе го слушнам како и кажува ,,мамо, чичко Каневче дојде, кој знае што сега ни донесе,,
Радост е кога Бата ќе напише“барај ме море, можда немам кузнајт колку пари ама имам еколошки патики и можам да цапам со саати кј ќе кажиш“.
Радост е кога комшифката Марија ќе ме сретне и ќе ми рече “абе јас за прошлиот месец не ти дадов ништо, ево ти сега за двата“.
И да, радост е кога ќе му оставам оброк на чичко Ацо, а тој не влегува дома, се заблагодарува по неколку пати, мафта со раката и чека со колата да си заминам додека му се изгубам од вид.
ЕУ ИНСТИТУТ Скопје ви стои на располагање на сите вас како линк за донации и реализирање на останати хуманитарни активности.
Како граѓанска организација стоиме на располагање да придонесеме за грижата во заедницата.
Како општествена одговорност ЕУ ИНСТИТУТ Скопје оваа 2022 година нуди бесплатна поддршка за кариерен развој на среношколци, студенти и младинци преку сертифицирани обуки за кариерен развој и комуникациски вештини кои редовно ги работиме секоја година.
Сите млади кои се на возраст од 16 до 29 години и се дел од социјално загрозени категории на групи на граѓани и воедно имаат потреба од вакви обуки можат да не контактираат по пат на меил info@euinstitute.eu или телефонски на: 077 660 363. Ќе бидат сите дополнително исконтактирани.
Стоиме на располагање да помогнеме со сите наши ресурси за ваша поддршка и постигнување на успех во сферата на неформално образование.
За крај би сакала да заклучам дека сите ние треба да дадеме личен пример на добрина. Не треба да чекаме да дојде празник за да помислиме дали некој друг има да стави јадење на масата или да овозможи на своето семејство и децата облека, обувки, топол дом, образование.
Уверена сум дека со оваа денешна сторија секој од нас ќе го пронајде патот до добрината. Зошто? Бидејќи добрите луѓе креираат добри нешта кои потоа развиваат добрина во општеството. Да се грижиме 365 дена во годината едни за други.
Ќе бидам горда и среќна доколку бар некој пројави добра волја и интерес да помогне онаму кај што во моментот е најпотребно.
Верувам дека на крајот од денешнава сторија секој од нас ќе се ресетира и ќе направи вистинска промена на добрина во соптвениот живот.
Останете во добро здравје и секогаш имајте на ум дека вашето ништо можеби ќе му биде се на некој друг.
Текстот е авторски! За споделување на содржината потребно е да го наведете изворот!
Публицитет.мк