Вчера во кафе барот Terazza Aquarius во 22 часот, на малата сцена во локалот Владимир Четкар заедно со неговата музичка екипа, го оддржа третиот и последен концерт за оваа летна сезона.
VLADIMIR CETKAR Sextet на охриѓаните и туристите им приредија незаборавна забава, изведувајќи ја авторската музика на Четкар и неговите нови аранжмани. Затоа одлучивме да го замолиме самиот Четкар да одвои дел од неговото време и да ни одговори на неколку од нашите прашања.
Кога започна да се занимаваш со музика? Кога сфати дека тоа е професијата со која сакаш да се занимаваш?
Владимир: Со музика почнав да се занимавам уште од најрана возраст. Паметам кога бев кај баба ми, во собата на вујко ми имаше една гитара, којашто беше потпрена во ќошето, ќе ја земев и ќе слушав музика на некој филм и се обидував по слух на една жица да ги свирам мелодиите, така се` започна. Потоа сакав да учам гитара на музичко, но во музичкото кадешто одев го немаше тогаш тој инструмент и затоа учев виолина. Во осмо одделение повторно и` се посветив на гитарата, почнав ако би можел да кажам “посериозно“ да свирам, имено имавме бендови со старите мои школски другари и веќе трета година гимназија сфатив дека сакам со тоа да се занимавам сериозно, па морав да барам начин, бидејќи тука во тоа време немаше никаква институција, академија што изучува џез и модерна музика. И веќе од тогаш знаев дека нема враќање назад.
Каде и кога замина во Америка и какво беше тоа искуство?
Владимир: Америка заминав 1996 година во Бостон, за да студирам на Беркли колеџот за музика и тогаш бев единствен Македонец таму. Дипломирав 2001 година и тоа модерна продукција, аранжман и џез-гитара. Тогаш, но и сега тоа е најатрактивен смер, но воедно и најтежок, затоа и на крај многу малку луѓе дипломираа. Но, и самата поента беше да научам, зашто ако веќе одам толку далеку, ако одам да научам нешто што можам и овде да го научам, нема потреба да одам. Тоа е место со најголем број на странски студенти, околу 75% кога бев јас беа студенти од светот, а останатите од Америка, што е многу интересно
Како успеа да се снајдеш и пробиеш на сцената таму?
Владимир: Тоа е долг пат, што ќе трае цел живот и ќе треба да се докажуваш цел живот. Разликата е што Беркли е навистина магично место додека си таму, но кога ќе дипломираш мора да се соочиш со реалноста и да размислиш што ќе правиш- дали ќе се враќаш во Македонија, дали ќе останиш во Бостон, дали ќе одиш на трето место. Тоа е големо прашање, особено бидејќи конкуренцијата е неверојатна. Јас се решив баш да го направам најголемиот предизвик- да останам и покасно да заминам во Њу Јорк, да работам како професионален музичар таму и да се занимавам исклучиво со музика и со многу работа, многу труд и прави околности добив шанса да свирам во познатите џез-клубови и фестивали во светот, како Blue Note Jazz Festival, Blue Note Club, Iridiu, но не само во Њѕ Јорк туку и во Вашингтон, Бостон, Лос Анџелес, Чикаго, па потоаљ во Лондон, Будимпешта и сето тоа го постигнав со голема страст и голем фокус врз работава и енергија нормално. Се доаѓа само по себе, ако се фокусираш и работиш.
Каде беше твојата прва свирка?
Владимир: Првата свирка беше во Aquarius, тогаш свирев со Тијана Дапчевиќ, а другата во Jazz Inn, додека станува збор за целовечерна свирка, а пред тоа имав гостувања со по една песна во Скопје. Но во Aquarius и Jazz Inn ми се првите настапи и почетоци на кариерата.
Колку труд, запознавање нови личности и истакнување беше потребно за да дојдеш до ова што си денес?
Владимир: Па се` е социјален нетворк, ако би можел да кажам, и разговор. што е интересно во професијава со којашто јас се занимавам, сите други професионалци, идоли, луѓе од коишто си учел, тие се уште претежно живи. Џезот е релативно нов музички правец и многу, особено мојот жанр џез-фанк/соул, сите идоли се скоро живи како Џорџ Бенсон и други, откога ќе се запознаеш со нив сфаќаш дека тие ти стануваат конкуренција и тоа е многу интересен момент. И особено кога ќе застанеш на сцена со нив или после нив е многу клучен момент за да дадеш свој сопствен музички потпис, а си учел од нив. од една страна треба да им се допаднеш ним, а од друга да оставиш нешто свое. Голем предизвик е да свириш своја авторска музика, бидејќи едно е да свириш туѓа музика, но така не може да се изгради кариера како авторски уметник. Затоа тоа беше огромен предизвиик за мене, особено Македонец да застане и да свири во Менхетен беше голем товар, зашто размислував како ќе се претставам себеси, а истовремено и целата нација ја претставуваш, но сум особено горд на тоа, бидејќи не ме поканаа само еднаш туку после тоа и повеќе пати, така што кога го работаш она што го сакаш искрено и со љубов ќе ја извадиш и сопствената кариера сериозно
На кои места настапуваш најчесто во Америка и со кого?
Владимир: Имам повеќе музичари со кои настапувам, главна постава ми е Мото Фокушима на бас од Јапонија, Ник Фалк на тапани и Милан Милановиќ, тие го претставуваат јадрото. Но, има и многу други музичари со коишто соработувам, со оглед на тоа дека свирам моја музика и работам како соло-музичар, во секој град имам различна постава.
Што е првото нешто што го правиш кога ќе дојдеш во Охрид?
Владимир: Прво нешто што го правам е тоа што пијам кафе дома со фамилијата, потоа првото излегување ми е секогаш во Aquarius да се видам со сите познаници и блиски.
Освен во Охрид, во кои други градови во Македонија настапуваш?
Владимир: Па претежно во Битола, Скопје, сега бев и во Кичево, сум бил и во Прилеп, Крушево и Гевгелија. Не толку често колку што би сакал, меќутоа тоа не зависи и од мене, бидејќи мене агендата ми е од тоа каде ќе ме поканат.
Со кого соработуваш во Америка?
Владимир: Од светски калибар со легенди како Димитри фром Парис, Боб Синклар, Д.Ц.Лароу, Том Моултон и многу други. Под соработка мислам сум бил дел од нивен албум или слично, тоа особено го правам со луѓе коишто ги почитувам и од кои сум научил нешто, инаку немам потреба да соработувам, во смисла дуети, бидејќи сам ја изведувам својава музика и многупати ме поканале, но не сум помислил на тоа. Сакам моја да е музиката, да пишувам доволно софистицирана музика со којашто ќе го пронајдам мојот израз, мојот глас и тоа ми е приоритет. Фокусиран сум едниствено на својата музика и така ќе продолжам.
Дали имаш трема пред настап?
Владимир: Секогаш имам малку трема, но таа е потребна за пред настап за да ми даде мотивација за да дадам малку екстра од себе, бидејќи ако си рамнодушен нема да е тоа- тоа.
Кои се твоите идоли?
Владимир: Па имам многу луѓе кои ме инспирирале, на пример Боб Ести, Димитри фром Парис (кој има ремикс на мојот албум на песната Heavenly), потоа Вес Монтгомери, Џорџ Бенсон, па Мауро Маваласи со The Change, па нормално Квинси Џоунс со албумот Off The Wall од Мајкл Џексон, Патрис Рушен којашто имаше големо влијание врз мене.
Од каде добиваш инспирација?
Владимир: Се` што слушаме, се` што апсорбираме на крај во системот наш креативен го вариме, го дигестираме и од тоа излегува продукт, дестилат составен од сите тие работи, заедно и нормално на наш начин искомбинирани и дел од себе. Јас секогаш се затворам во себе кога компонирам и од себе ги вадам мелодиите, концептите, па ја земам гитарата и ги хармонирам идеите и аранжирам. Се` се случува во мене и на крај кога се` е комплетно, само седам на маса и рачно ги запишувам сите аранжмани, многу поразлично од други денешни продуценти кои идеите ги запишуваат на компјутер, јас сум “искаран“ со компјутерот за таа работа, бидејќи сакам да ја доживеам музиката.
Колку си задоволен од тоа што го компонираш и свириш?
Владимир: најзадоволен, нормално, бидејќи тоа е мој продукт, дел од мене и кога ја слушам мојата музика и кога уживам во неа, знам дека сум направил добро. Јас секогаш работам бавно, перфекциониста сум и сакам на крај кога ќе го направам продуктот и после 20 години да го слушам, пак да сум задоволен. Затоа рабптам многу долго, но многу мислам, сакам се` да е совршено, секој дел, фракција, аранжман и изведба да е перфектно.
Какво е чувството да се биде еден вид амбасадор на нашата култура во Америка?
Владимир: Па сите сме на некој начин амбасадори, во зависност од она што го работиме. Не мора да сме уметници, битна е енергијата која е репрезент на земјата- секогаш насмевка, позитивност. А, како уметник задачата е голема, бидејќи треба секогаш да даваш од себе екстра, зашто ако работиш особено во Њу Јорк каде конкуренцијата е многу голема, мораш да си секогаш во топ форма и да дадеш убава слика за својата нација.
Што правиш кога имаш слободно време кога си тука, а и во Америка?
Владимир: Секогаш барам некои нови места, возам велосипед, одам на фитнес, се шетам низ Менхетан, кога сум Охрид возам велосипед покрај езерото или се шетам низ стариот дел, бидејќи ме фасцинираат историјата, црквите и археолошките пронајдоци. Има многу за уживање во Охрид и особено го сакам овој период- касно лето, почеток на есен.
Дали уживаш да патуваш по светот и каде?
Владеимир: Да! За мене нема поубава работа од патување. Кога ќе ги запознаеш сите култири и обичаи, сфаќаш колку сме сите всушност исти на планетава и дека сите граници се вештачки и се` е наметнато. Патувам многу често, последниве години бев низ Централна Америка, посетив Панам, Коста Рика, па Мексико, Хаваи, наскоро ќе одам и Еквадор и низ Европа патувам нормално. Но, претходниве дестинации се поегзотични и особено ја обожувам таа мезо-американска култура, нивните археолошки локалитети, како оние на Маите, како Тикау, каде бев пред некоја година кога токму според Маите требаше да биде крај на светот, а јас настапував таму.
Идни планови?
Владимир: Моментално ми претстои турнеја во САД, во Мичиген, Илиноис, Охајо и Висконсин. Па повторно се враќам во Македонија, каде имам неколку настапи, па во Србија, па ноември се враќам повторно во Америка, кадешто ќе почнам да работам на нов студиски проект на моја авторска музика, а истотака за брзо време ќе го промовирам новиот спот сниман во Менхетен
Порака до читателите на публицитет.мк?
Владимир: Да го респектираат секој едноставен момент во животот, бидејќи тие се најдрагоцените моменти, за кои забораваме дека тие моменти како утринското кафе со најблиските се едни од најубавите моменти кои ги живееме, бидејќи тогаш немаме никаков вистински проблем и не мислиме на мака, зашто еден ден ќе сфатиме колку сме пропуштиле и колку ни биле тие моменти драги. Во секој момент на било кој начин да ги изразуваат своите чувства, за потоа да не им биде криво дека нешто не кажале и останало недоречено. Токму за оваа тема ја имам напишано и песната Time Goes By и текстот е за тоа како во секој момент поминат со најблиските да им кажиме колку ни значат.
Дамјана Видическа / Публицитет.мк