Владејачката ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа трибина во Охрид во рамки на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ „На Македонија и треба твојата идеја”.
Трибината ја отвори Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој подвлече дека целта на овие трибини е да се соберат идеите на граѓаните за новата програма на партијата. Тоа подразбира, додаде тој, дека ВМРО-ДПМНЕ како партија секогаш имала и ќе продолжи да има слух за народот, за разлика од некои други партии кои сакаат да му наштетат.
-Сакаа да и наштетат на Македонија со деструктивни дејствија кои имавме можност да ги видиме и слушнеме во изминатиот период. Сакаа да ја оспорат волјата на народот, рече Милошоски.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ како партија се соочила со тешки удари од страна на СДСМ.
-Што доби народот од тоа? Народот изгуби многу бидејќи една година се занимаваме со решавање на вештачки создадена криза, наместо да имаме можност да ја реализираме програмата во целост, истакна Милошоски пред охриѓани.
Големата предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ која ја покажаа резултатите од анкетата на ИРИ покажува дека со злонамерна политика и кодошење не се добива довербата кај граѓаните.
-Тие кои имаат програма ја имаат довербата на граѓаните, истакна Милошоски.
Тој подвлече дека сега, како дел од Владата народот има можност да види како тие работат и какво е нивното однесување.
-Го ставија нивниот генерален секретар за министер и еве веќе една недела не е способен да ја реши аферата со лажните лични карти, која нивниот весник „Фокус“ ја објави. Втора работа е тоа што во Министерството за труд и социјална политика поставија да раководат луѓе кои не се вработени во министерството, рече Милошоски.
Трета работа, додаде тој е што нивниот министер за финансии со желба да им нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и на министерот, ја блокираа одлуката за задолжување која значи повисоки пензии и делење на субвенции.
-Тој ги стави во заложништво сите граѓани за само една цел и желба да му наштети на ВМРО-ДПМНЕ, подвлече Милошоски.
На 24 април, продолжи тој, ќе имаме два кандидати за премиери: еден Заев со 5% рејтинг, кој еден ден кажува дека Куманово било монтирано од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а наредниот ден се предомислува и вели дека тие биле терористи.
-Ние сме силна и стабилна партија и нападите нема да не уништат, затоа ајде да работиме за подобра држава и да се натпреваруваме за тоа што и кој направил за државата, порача Милошоски.
Милошоски додаде дека ако се разговара со аргументи за тоа кој што направил, тогаш ВМРО е во голема предност.
-Долго најавуваниот проект за изградба на автопат за Охрид, еве го реализираме бидејќи беше напишан во нашата програма и сега тој дел е едно големо градилиште. Тоа не се проекти кои се реализираат преку ноќ, но она што е значајно е што на крај ќе имаме подобра инфраструктура. Можеме и аргументирано да тврдиме дека нема друг премиер и Влада која решила толку проблеми на граѓаните како владата на ВМРО-ДПМНЕ, рече тој пред големиот број охриѓани присутни на трибината
Милошоски подвлече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ наследила голем хаос од приватизацијата.
-Наследивме 36% невработеност а го намаливме на 26%. Тоа не значи дека сме го решиле проблемот туку дека работиме на тоа да и го решаваме. ВМРО-ДПМНЕ е единствена партија која во охридскиот регион отвора фабрики, а не како што правеа, да затвора фабрики, подвлече тој.
Милошоски подвлече дека токму затоа е важна идејата на граѓаните, идеја од било која област, затоа што како што истакна, изборна програма не се прави во канцеларија.
ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на власт се додека народот сака, порача пратеникот Александар Николоски пред охриѓани.
Николоски во своето обраќање ги наброја бројните проекти кои Владата ги реализираше во Охрид и охридско, односно повеќе од 20 крупни проекти.
-Дали може да се сетиме на барем 2 проекти на СДСМ? Нема такви, има само лоши работи кои ги направија за Македонија, истакна Николоски.
На прашањето зошто луѓето гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, продолжи Николоски, тие не одговараат дека тоа е поради вршен притисок врз нив, туку затоа што ВМРО-ДПМНЕ има отворен и коректен пристап кон граѓаните.
-Разликата помеѓу нив и нас, кога не бевме во опозиција е тоа што ние не спиевме затоа што пишувавме програми во соработка со народот, а тие не спијат затоа што комуницираат со разузнавачи и шпиони и слушаат приватни разговори, подвлече Милошоски.
Милошоски истакна дека додека ВМРО-ДПМНЕ на власт нема да се попушти на прашањето за единството, безбедноста и името.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на трибината која ВМРО-ДПМНЕ ја одржа во Охрид истакна дека за овој град се планирани низа проекти кои ќе станат реалност. Дел од нив веќе почнаа да се реализираат.
-Ќе се гради експресен пат Охрид-Пештани, сега ја изработуваме еколошката студија која ја бараа еколошките друштва и институциите. Јас очекувам дека во 2016 ќе започне изградбата. Ќе започне и изградбата на патеката од градското пристаниште до Канео која ќе биде во старо охридски стил. Исто така изработуваме студија за марина и бидете убедени дека тоа ќе го реализираме, истакна Мисајловски.
Тој додаде дека имаат потпишано договор за нова плажа во Лагадин за која се чека одобрението за градба. Поставен е и камен темелник за изградба на затворен базен, а најавена е и изградба на катна гаража.
Мисајловски посочи дека се подготвува планска документација за нова туристичко развојна зона во Градиште која ќе се нуди на потенцијални инвеститори.
Министерот за транспорт и врски во својот говор ги наброја сите патишта на кои се работи или за кои е планирана реконструкција на територија на целата земја.
Сите вие сте силата, големиот број кои се присутни тука, исто толку надвор, вие сте јасна порака зад кого стои народот и сите заедно ќе ги одбраниме интересите на државата, порача Илија Димовски на трибината во Охрид во рамки на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ „На Македонија и треба твојата идеја”.
-Благодарни сме и за советите и за поддршката на меѓународната заедница, нo на крај последната порака која ќе биде пратена е таа на граѓаните кои ќе одлучат кој ќе ја добие власта, затоа што тие знаат во кого да веруваат, истакна Димовски.
Кога во Куманово, продолжи тој, имавме организирана група која беше закана за државата тие сакаа политички да профитираат и велеа дека тоа е режирано од државата.
-И наместо тие да се сликаат и да ги поддржуваат полицајците тие отидоа да се сликаат кај терористите, за по 6 месеци Зоран Заев да излезе и да рече дека тоа во Куманово е терористичка група која планирала напади како тие во Париз, па јас се прашувам како дома му веруваат на овој човек и како му веруваат во партијата, запраша Димовски.
Обвинуваат дека нема слобода и демократија и дека се е пратизирано, но, потсети Димовски, ние паметиме дека во нивно време имаше само една телевизија, два весника под иста капа, за разлика од сега кога има 120 телевизии и повеќе од 100 радио станици и весници од кои повеќето имаат проопозициска политика.
-И еве гледаме како тоа го практикуваат: бараат глобите да се зголемат и да се санкционираат медиумите, истакна Димовски.
Со тоа додаде тој, СДСМ сака на копче да ги гаси медиумите кога тоа ним ќе им одговара.
Извор: Курир.мк