Градоначалникот Јован Стојаноски принуден да даде отчет за неговите 100 дена мандат иако очигледно немајќи намера да го направи тоа, се одважи, излезе и ја излажа јавноста, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ – Охрид ден по неговиот Отчет.
Неговата прес-конференција и наводниот Отчет, се уште еден очајнички обид за дефокусирање на јавноста и продолжение на замајување на охриѓани, со тавтолошко набројување на веќе ветените нереализирани проекти, велат од партијата
-Нема ништо од подобрувањето на квалитетот на живот за охриѓани и развој на Охрид, а забележително е тоа што безидејно преседале 100 дена. 100 дена синоним за нетранспарентно, неотчетно и неотворено работење. Главна активност им била препишување на програмите и протоколите за работа од претходната Локална самоуправа. Со препишување не се носи „живот“ за охриѓани! Неговиот отчет всушност е програма за работа за 2018 година каде што тој ги искажа сопствените желби за работа. Најчесто употребуван е зборот „ќе“ во целиот памфлет како и „во тек се активности“ – набројани но незапочнати. Кога презентираш отчет треба да кажеш што си сработил ти, а не што планираш да работиш“, велат од партијата.
Градоначалникот Стојански, според ВМРО ДПМНЕ лаже и брутално манипулира кога вели дека од претходната Локална самоуправа не наследил ниеден проект и дека првите 100 дена ги потрошил на објавување на тендери за изработка на проекти и додаваат: – Ако отворите на веб-страницата на општина Охрид во делот за јавни набавки во архива на набавки ќе видите дека во 2017 година била спроведена само една постапка за обезбедување на проектна документација и тоа постапката завршила во септември додека градоначалник бил Никола Бакрачески.
Во партиската реакција стои дека комплетната проектна документација за реконструкција на кровот на градинката „Развигорче“ заедно со одобрението за реконструкција и комплетната реконструкција како и промена на системот на греење во градинката „Росица“ се комплетно сработени за време на мандатот на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ.
-Го повикуваме Стојаноски јавно да го објави проектот. За уредување на плоштадот „Табана“ минатата Локална самоуправа изработи комплетен основен проект со ревизија. Недостигаше само одобрение за градба. Градоначалникот Стојаноски за 100 дена не успеа да обезбеди одобрение за градба и да ги отпочне градежните активности. За проектот „Пешачка патека Саат кула до Света Сава“ на Стојаноски му е оставена комплетна документација основен проект и соодветно одобрение за градба. Зошто не успеа да ги отпочне градежните активности? Реконструкцијата на патот Косел-Вапила е проект за кој Стојаноски наследи завршена тендерска постапка од минатата Локална самоуправа откако претходно општина Охрид доби грант од Светска банка. И ова е лесно проверливо. Проектот за био-гориво е аплициран и добиен од страна на минатото раководство на ЈП „Охридски Комуналец“ а сега останува да видиме дали тимот на Стојаноски ќе успее да мрдне еден чекор од овој проект“, се вели во соопштението на партијата.
Што се однесува до Охридската касарна, посочуваат, деталниот урбанистички план е донесен многу одамна а Стојаноски ништо не направи барем да го преземе владението со истата иако тоа е завршена работа и формален чин, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ – Охрид по вчерашниот отчет по повод 100 дена мандат на градоначалникот д-р Јован Стојаноски.
Публицитет.мк