Д-р Митко Тилев, синоќа во седиштетот на ОК на ВМРО ДПМНЕ беше промовиран во кандидат за градоначалник на Охрид а СДСМ – Охрид речиси истовремено ја заокружила и неофицијално ја потврдила советничката листа чиј носител е д-р Константин Георгиески, специјалист по интерна медицина.
Д-р Тилев во партиските простории бил пречекан во победничка и еуфорична атмосфера. Членството никогаш не било посплотено и толку решено да одговори на сите предизвици на локално ниво. Со голема мотивираност даваат поддршка за кандидатот кој носи сигурна победа во првиот круг, рекол д-р Кирил Пецаков, актуелниот претседателна ОК на ВМРО ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ се’ уште ја крои советничката листа само се знае дека нејзин носител ќе биде д-р Кирил Пецаков и таа ќе биде позната денеска, бидејќи вечерва на полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатски листи за претстојните локални избори закажани на 15 октомври.
Против кандидат на д-р Тилев за градоначалничката фотелја од СДСМ како што е веќе познато ќе му биде д-р Јован Стојаноски, професор на ФТУ – Охрид. На листата на СДСМ меѓу 23 кандидати на втората позиција е Живка Ангелоска, претседател на жените на СДСМ а следуваат: Мишел Силјаноски, Сашо Ставрески, Елеонора Куноска… На листата има и кандидати од колаиционите партнери на СДСМ меѓу кои и Џенгиз Реџеп, Марија Попоска, а кандидати најверојатно ќе има и од Сојузот на Египќани, ЛДП, ДОМ и ВМРО НП …
Претседателот на СДСМ – Охрид и пратеник д-р Томислав Тунтев на својот Фејсбук профил синоќа напиша: – Горд сум што сум претседател на Општинската организација на СДСМ во Охрид, која има ваква општинска конференција… тоа се преку 90 делегати – претседатели на месни одбори и членови на Извршен одбор во проширен состав… тоа се луѓе со огромни срца, со широки души, со отворени погледи, со несебично разбирање, со силна посветеност, со ведар дух и со верба во победа… затоа што чувствуваат дека го направија вистинскиот избор… неизмерно сум им благодарен на сите за нивниот беспрекорен партиски и другарски однос на вечерашната седница, на која едногласно го избравме нашиот кандидат за градоначалник и нашите кандидатите за членови на Советот на Општина Охрид за претстојните локални избори… во оваа прекрасна вечер, со направениот избор, сите почувствувме и веќе знаеме дека го избравме идниот градоначалник на Општина Охрид и идното советничко мнозинство… нека ни е со среќа на сите!
Кандидатските листи се доставуваат до општински изборни комисии, кои во рок од 48 часа од приемот треба утврдат дали листите се поднесени во соодветниот рок и дали се составени во согласност со одредбите на Изборниот законик.
Поднесувачите на листите на кандидати имаат рок од 48 часа да ги отстранат неправилностите, а ОИК ги потврдува со решение.
Потврдените листи на кандидати, ОИК треба да ги достави до ДИК најдоцна до 16 септември заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати.
Според роковникот за изборни дејства, жрепката треба да се одржи на 18 септември.
ДИК денеска ќе го достави избирачкиот список до политичките партии, кои во рок од пет дена до Комисијата треба да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци.
Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегуваат од јавниот увид, отпечатен во изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 24 септември. Заклучениот избирачки список ДИК го потпишува најдоцна до 29 септември.
Публицитет.мк