Изложба на репродукции од најзначајните дела на големиот сликар Леонардо да Винчи ќе биде отворена на 11 мај во црквата „Света Богородица Перивлепта“ со почеток во 13 часот.
Изложбата ја организира Лајонс клубот „Лихнидос“ по повод 500 години од смртта на најголемиот полимат и гениј на човештвото, Леонардо да Винчи.
Локацијата на која ќе бидат поместени репродукциите и ќе се презентира видео-материјал со сторија за Леонардовите цртежи и дела, според професор доктор Зоран Тунтев, член на ЛК „Лихнидос“ и иницијатор на идејата, не е случајна.
-Црквата „Света Богородица Перивлепта“ја крие тајната на најраната Ренесанса во Европа, таканаречена Duocento. Градена и фрескосликана во 1295 година, Перивлепта (Свевидевша) го носи печатот на Проторенесансата цели 10 години пред Giotto и неговите прочуени фрески во Cappella degli Scrovegni во Падова. Изложбата ќе содржи 20 репродукции испечатени на Forex со димензии 70 x 100 cm, 2 полупровидни пластифицирани завеси (100 x 150 cm) и видео материјал со сторија за Леонардовите цртежи и дела. Достигнувањата на маестро Леонардо имаат универзален карактер и заслужуваат целосен респект од сите интелектуалци, од сите музеи, уметнички галерии и културни институции, но и од сите градови во светот во кои живееле и твореле такви генијалци, меѓу кои спаѓа и нашиот патрон Св. Климент Охридски, изјави проф. д-р Зоран Тунтев, иницијатор на идејата.
Партнери на Лајонс клубот „Лихнидос“ во организирањето на изложбата се Фестивалот „Охридско Лето“ и Амбасадата на Република Италија во Скопје.
Публицитет.мк