Вчера во просториите на Државната изборна комисија (ДИК), за предвремените парламентарни избори закажани за недела, 11 декември, гласаа членовите на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва и во конзуларните канцеларии на Република Македонија.
Гласањето беше отворено во 7 и траеше до 19 часот, а со право на глас беа 325 членови на избирачките одбори кои заминуваат во македонските дипломатско-конзуларни претставништва и во конзуларните канцеларии по светот.
Гласачите во дијаспората ќе гласаат во 46 дипломатско-конзуларни претставништва и во конзуларни канцеларии еден пред изборите, односно во сабота на 10 декември од 7 до 19 часот по локално време.
Најмногу пријавени за гласање има во Берн – 4.256, во Венеција – 2.724, во Детроит – 1.170, Њујорк – 1.168, Мелбурн – 1.112.
В сабота, исто така, треба да гласаат и 13 внатрешно раселени лица, 2.015 лица кои се во притвор или во затвор и болни и немоќни лица што се пријавени за гласање.
Вкупно 4.706 набљудувачи, 354 преведувачи и 60 странски новинари ќе ги следат претстојните парламентарни избори што ќе се одржат во недела.
Во законскиот рок, којшто истече на полноќ, до Државната изборна комисија акредитации побарале 4.047 домашни и 659 странски набљудувачи.
Според податоците објавени на веб страницата на Државната изборна комисија, од домашните набљудувачи најбројни се оние на МОСТ кој ќе ги следи изборите со 3.435 лица, додека од странските најмногу има од Мисијата за набљудување на изборите ОБСЕ/ОДИХР која има каредитирано 280 набљудувачи и 230 преведувачи.
Најбројни од странските новинари кои ќе известуваат за текот на изборите во Македонија се на Ал Џазира Балкан која има акредитирано 16 новинари. Бројни ќе бидат и новинарите од албанските медиуми како што се РТВ 21 Приштина која акредитира седум новинари и Топ Канал Тирана пет новинари. Со шест новинари изборите во Македонија ќе ги следи и Државната турска радио телевизија ТРТ.
Извор: www.meta.mk