Утре од 18 часот во култниот простор „Култура 365’ ќе биде промовирано најновото дело на Мишо Јузмески под наслов „Македонците А.ден Долард и други Холанѓани“.
Освен на македонски наскоро книгата ќе биде отпечатена и на холандски, а Публицитет.мк ви го предава поговорoт од Херард Пулвејк, преведувач и уредник на холандското издание:
-Скитникот, новинарот и писателот А. ден Долард своето срце му го имаше подарено на Балканот, пред си на Македонија и посебно на Охрид. Како скитник им се насладуваше на земјата, луѓето, планините, фолклорот. Како новинар беше фасциниран од сложените политички состојби кои македонскиот народ со векови го држеа под власт на околните сили и во своите написи за регионот јасно и остро ја избра страната на експлоатираниот и поробен Македонец.
Како писател ги романтизираше односите помеѓу поробувачите и поробените („Ориент Експрес“) и го прикажа развојот на една љубовна приказна во градот Охрид („Свадбата на седумте Цигани“). Мишо Јузмески настапува како фотограф, писател и како туристички амбасадор веќе подолго време, промовирајќи ја својата земја во туѓина, и некаде во деведесеттите години наиде на тој странски писател кој во своето срце ја носеше неговата земја. Благодарение на залагањата на Јузмески, во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и Холанѓаните.
За таа врска и благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој оној кој има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател/новинар и голем граѓанин на светот.
Херард Пулвејк, доктор по холандски јазик и преведувач
Публицитет.мк