Додека светот одбројува денови до дочекот на новата 2016 -та година, во Мелбурн еуфоријата почнува малку порано.
Градот е украсен во црвено и зелено во пресрет на големиот празник Божик. Креативноста се разлеала наоколу, најразновидни декораци насекаде, од рачно плетени покривки за стеблата на дрвјата во градот, џиновски панделки на зградите, па се до индивидуално украсените куќи по населбите во духот на прославата на Христовото Раѓање.
Луѓето се растрчани по продавниците во потрага по најдобрите подароци за своите роднини и пријатели. Веќе се прават плановите за Божикната трпеза и за летните одмори, а децата веќе ги имаат напишано своите писма до Дедо Мраз.
Летниот температури ги мамат жителите да се релаксираат на бројните плажи и да се разладуваат во заливите.
Во овој период карактеристични се божиќните и предновогодишните забави, весела атмосфера насекаде, наоколу ќе сретнете луѓе во најразлични костими: супер херои, ликови од бајките, гангстери од 20 -тите… се збираат по рестораните и баровите да си ја честитаат успешната година.
Театрите и галериите се преполни со љубителите на уметноста, илјадници се собираат на стадионите за концертите на светски музички имиња. А центарот на градот со прекрасниот Плоштад на Федерацијата ги собира сите околу необичната елка направена од Лего коцки и Дедо Мраз со својата сурферска штица и кратки пантолони. Од истиот тој плоштад се шири и гласот на македонците преку брановите на SBS Radio.
По прославата на Божик, Мелбурн се подготвува за спектакуларните огномети и дочекот на новата година. Народот се собира во парковите по должината на реката Јара и сите заедно под осветленото небо си посакуваат поубава и помирна нова година.
Славјето не стивнува. Месец јануари веќе е на прагот со прекрасниот Православен Божик и секако првиот тениски Опен турнир за годината Australian Open.
Од волшебниот Мелбурн со желби за многу здравје и љубов, среќа и успех, смеа и радост и многу дружба, Ве поздравува Светлана Неделкоска.
Среќна нова 2016 и честит Божик.
За Публицитет.мк од Мелбурн – специјално Светлана Неделкоска
Почитувани, колешката Неделкоска е новинар во редакцијата на SBS на македонски во Мелбурн