Утре (4 февруари) во просториите на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид ќе биде промовирана книгата раскази „Судбини“ од авторот Мирко Томовски.
Пред тоа ќе биде поставена изложба на творби од младата Ана Томоска.
Авторот Мирко Томовски за „Публицитет.мк“ вака ја образложи својата нова литературна пројава:
-Се прашувам себеси дали навистина постојат судбини или пак тоа е само предизвик на она што ни се случило, што ни се случува или пак треба да ни се случи. Затоа велам дека судбината е човек и човекот судбина, како што и морето е небо, и небото море. Затоа некогаш се разбранува а некогаш смирува, некогаш се затемнува а некогаш развиделува. Затоа некои потонуваат веднаш други по појавувањето на брановите или замрачувањето а трети пловат се додека се отворат морето и небето и не се вивнат во височините или потонат во длабочините. И судбината е човек и човекот е судбина.
Книгата раскази „Судбини“ е отчитание на случувањата на обичните луѓе, нивните копнежи и непосакувани завршетоци. Расказите се собирани во подолг период, можеби дваесетина години и се пренесени на јазикот и начинот на раскажување на едно друго време, време кога и се случиле.

Покрај промоцијата на мојата книга ќе се случи и еден интересен спој меѓу дедото и внуката.
Ана Томоска ќе има изложба на творби од нејзините вредни раце, творби направени од тоа што го има во сопствениот дом, на пр.: Балерините се облечени во облека направена од тоалетна хартија или кора од портокали, расцветаното дрво од бели петличиња, а останатите сите се направени на тврдиот дел од тоалетната хартија.
Ана е ученичка во III одд. во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид.
Настанот ќе започне во 12,15 часот.
Публицитет.мк
Посетеност: 88