“Сонот е дел од нашите животи и во текот на животот сонуваме околу 100 000 сонови”. Со овие зборови, Ѓоко Симјаноски ја отвори вечерашната изложба на фото-клубот ОХРИД во Вила „Мал Свети Климент“.
Изложбата наречена “СОН” е збир од различни, но прекрасни фотографии на охриѓанките: Марија Савеска, Маријана Пипилева, Јасна Донева и Лидија Стефановска.
“Ова е првата изложба на фото-клубот ОХРИД за годинава, организирана од жените – членки на клубот. Темата е веќе позната- СОН и секоја од нас имаше шанса да се претстави со 6 свои фотографии”,ни кажа Марија Савеска.
“Изложбата е посветена на жени – автори на фотографии во чест на март – Месецот на жената иако тој е веќе на крај , сепак успеавме да си го покажеме својот труд. Претставени се четири различни техники, има од пејзажи до технички обработени фотографии и класични фотографии. Се истакнува играта со светлина, бои и слично”, вели Јасна Донева.
Сонот одамна асоцирал на многу нешта. Како што напомена Симјаноски, светски познати личности, како: Стивен Кинг, Пол Макартни и дури Александар Бел го користиле сонот за да создаваат и творат.
Љубителите на фотографијата и овојпат имаа што да видат и да уживаат во делата на фотографките, на кои им посакуваме и многу успех и понатаму.
Фото и текст: Дамјана Видическа, Публицитет.мк