ОХРИЃАНИ МАСОВНО И НА СПЕКТАКУЛАРЕН НАЧИН ГО ОДБЕЛЕЖАА ВЕРСКИОТ ПРАЗНИК БОГОЈАВЛЕНИЕ ВОДИЦИ.СИЛНИОТ ВЕТЕР И БРАНОВИТЕ НЕ ГИ СПРЕЧИЈА ИЛЈАДНИЦИТЕ ВЕРНИЦИ ОД ОХРИД,ЗЕМЈАВА И ВО МАЛ БРОЈ ОД СТРАНСТВО ДА ПРИСУСТВУВААТ НА ПОЛОЖУВАЊЕТО НА СВЕТИОТ КРСТ ВО ВОДИТЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПО КОЈ ЗАПЛИВАА ОКОЛУ ТРИСТА МЛАДИ ЛИЦА.НАЈСРЕЌЕН БЕШЕ ДЕВЕТНАЕСЕТ ГОДИШНИОТ,ВАСКО ДОВЛЕВ,КОЈ ЗА ПРВ ПАТ ГО ФАТИ КРСТОТ.
Силниот ветер кој дуваше со брзина од 15 метри во секунда,односно преку 60 километри на час не ги спречи охриѓани повторно на уникатен начин да го одбележат големиот верски празник Богојавление Водици.Уште од раните утрински часови црковните храмови се исполнија со верници кои по богослужбите во литии се упатија на Градското пристаниште за да присуствуваат на Богојавленскиот водосвет.По црковниот церемонијал со кој раководеше надлежниот архиереј,митрополитот Тимотеј светиот крст беше положен во разбрануваното езеро,а по него запливаа околу 300 младинци и младинки.Највешт и најсреќен беше 19 -годишниот Васил Довлев од Варош кој за прв пат го фати крстот.
Васко Довлев-фаќач на крстот рече: „Чуството е многу убаво,некако чуствував дека едноставно во раце ми дојде,чуствував дека е за мене.Не ми дојде во раце,падна до мене и само ја пуштив раката.Јас едноставно чуствував,со верба во бога,одев и во црква и постев и се и кога ќе има верба се ќе биде.Најбитно здравје,среќа,љубов на сите“.
Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид за медиумите изјави: „На фаќачот на крстот му посакувам да има успешна година,како и секој оној што успеал да го фати и се надевам дека уште многу,многу години ќе успееме да во ваква форма да го празнуваме овој празник кој што за Охрид и охриѓани е дефинитивно најголем“.
И покрај лошите временски услови на Градското пристаниште присуствуваа повеќе илјади верници од Охрид и земјава меѓу кои беа и претставници на власта и опозицијата,како и помал број странски туристи.
Иако температурата на водата беше 9 степени,а на воздухот околу 10-от степен,силниот ветер и брановите придонесоа спасителите на Црвениот Крст,нуркачите и медицинските екипи да имаат поголем број интервенции.
Сашо Точков-Претседател на Црвен Крст Охрид, рече: „Преку 20 интервенции имавме,што во вода,што на копно.Еве веќе ги збринуваме сите кои што се со посекотини и некои слаби промрзлини.Значи голем предизвик,драго ми е што немаше ништо,некој поголем инцидент“.
По црковниот дел од манифестацијата присутните ги исполнија рестораните и кафетериите долж брегот каде што уживаа во греаната ракија и виното зачинети со убава охридска староградска музика.Богојавленските празнувања продолжуваат утре на празникот Свети Јован Крстител,кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите.
Извор: Сашо Нелоски www.mrt.com.mk
Фото: Христијан Јанкуловски
Публицитет.мк