По Скопје и неколку други градови во Македонија денеска и во Охрид во Центарот за култура „Григор Прличев“ Државниот архив на Македонија ја промовираше едицијата „Црните страници на УДБА“.
-Државниот архив на Република Македонија поседува 15.000 досиеја, во 630.000 страници направени од страна на тајната полиција во периодот од 1945-2000 година. Околу 120.000 досиеја се знае дека се направени но ги нема. Се претпоставува дека дел од нив се уништени а дел од нив се отстранети,рече на промоцијата директорот на Државниот архив, Филип Петровски.
Едицијата, составена од 16 книги во девет тома, ќе може да се купи како комплет по цена од 15 илјади денари и во неа се објавени само 202 досиеа од постоечките 15 илјади што ги поседува Архивот на РМ.
Според директорот Петровски во Архивот упорно истражуваат и сметаат дека на овој начин се обезбедуваат елементи за новото испишување на македонската историја.
Петровски на охридската промоција појасни дека во неа се опфатени сите градови и сите семејства што имале македонска промисла после 1945 година и кои сметале дека е потребно поинакво државно и политичко уредување, а се носеле и идејата за независна и обединета Македонија.
Едицијата ќе биде доставена до подрачните одделенија на Архивот на РМ а наскоро и до државните библиотеки и овие историски документи така ќе бидат достапни за сите граѓани во Македонија.
Публицитет.мк