Деновиве во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирано најновото 93 дело на проф. д-р Миле Миќуновиќ „Масонски скалила“ кое фрла нов зрак светлина врз масонството како светско движење и процес.
Паралено со тоа беа промовирани преостанатите 11 книги, каталогот специјално направен за таа пригода, како и големи фотографии преку кои бројните присутни на промоцијата , почитувачи на творештвото на д-р Миќуновиќ можеа да се запознаат со нивната содржина.
-Ако некој навистина се интересира за ова братство ќе мора самиот да испитува и истражува. Иако го носи предзнакот – тајно, братство секогаш било отворено и подготвено да биде за секого на помош кој е жеден за знаење, не за теорија, туку за знаење, ќе рече д-р Миќуновиќ.
„Масонски скалила“ во себе содржи уште еден број – 12 и таа е најнова книга од едицијата научно – популарни четива кои одблиску говорат за масонството и му го доближуваат на обичниот човек за кого тоа се’ уште е табу тема со голем прашалник зад себе. Во масонските ложи не се одлучува за судбината на светот ниту се кројат нови граници, како што многумина погрешно ја толкуваат нивната присутност во текот на историјата. Во историјата на ова братство, меѓу масоните се примале луѓе на добар глас, способни, професионално исполнети што држат за пристоен и цивилизиран пристап за секој проблем, стои запишано во книгата. Првата книга од оваа област д-р Миќуновиќ ја објавува 2012 година под наслов: Слободноѕидарски или религиозни симболи, во издание на “Македонско научно друштво – Битола”. По неа до оваа последната се редат уште 10 книги, рече при промотивната реч м-р Милчо Јованоски.
Преку најновиот труд на д-р Миќуновиќ инспириран од масонството на кое и самиот тој припаѓа – „Масонски скалила“ читателот одблиску ќе се запознае со масонството неговиот историјат и условно речено хиерархискиот ред – напредувањето на оние кои веќе влегле во братствата. Навидум целиот процес изгледа збунувачки, нејасно, но очигледно тие кои го одбрале и тргнале по тој пат, нештата ги учат постепено и лесно. Оттука и максимата која е споделена во книгата дека – Масонството не е никаква нова религија, туку тоа ги продолжува сите учења што ги наследиле во сите верувања, како и сите оние добра кои од нив потекнуваат.
-Пренесувањето на знаењето под заштита на тајноста е осигурување дека тоа ќе биде предадено на вредниот верник кој добро се прочистил и посветил, се усовршил, а кој е со отворено срце, полн со моралност, добрина и љубов за светот, кому му посакува спасение во своето спасение, рече на промоцијата авторот д-р Миле Миќуновиќ.
Со промоцијата на „Масонски скалила“ НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го почна одбележувањето на „Месецот на книгата“ во кој ќе има бројни активности рече вд. директорката на библиотеката Гордана Змејкоска , која потсети дека сите дела на д-р Миќуновиќ ги има кај нив и заинтерисираните граѓани кои се зачленети ќе можат да ги позајмат и да ги читаат.
Публицитет.мк