Во Арехолошкиот музеј во Скопје синоќа беше отворена долгонајвуванта и екслузивна изложба на повеќе од 400 артефакти од некрополата во Требениште, заедно со златните маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и во Северна Македонија.
Изложбата е органзирана во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата, а со новите технологии за реставрација и конзервација откриени се атрефакти кои првпат ќе бидат претставени на македонската јавност.
-Присуствував на свеченото отворање на најочекуваната и најзначајната изложба за македонската, балканската, европската и светската археологија, “100 години Требеништа”.
Она што илјадници години беше под земја, а пред 100 години го разединивме, денес повторно се обедини.
Нема зборови со кои можам да Ви го опишам чувството кога поминувате покрај артефактите од исклучително богатата некропола од 6 век пр.н.е., а притоа знаете дека се работи за археолошко наследство пронајдено токму тука, околу сите нас, наследство кое сведочи за една исклучителна цивилизација која живеела на овие простори каде што денес ние живееме.
И посебно Ве прави горд тоа што токму тоа наше, денес му припаѓа на светот. Митот и загатката за нашето Требеништа се’ уште трае.
Приказната за Требеништа не е завршена. Таа допрва ќе треба да се демистифицира, отплеткува, допишува и прераскажува. И со право можам да воскликнам, дека Требеништа е нешто најдоброто што ни се случило, нешто највредното што сме и го дале на светската археологија и цивилизација. Требеништа на едно место обедини три балкански држави.
Да посакаме таа обединувачка енергија да продолжи да се шири насекаде по светот, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески на чија територија припаѓа локалитетот Требеништа.
Автори на изложбата се: Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија.
Изложбата е плод на заедничката сорабтка помеѓу Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија, каде се чуваат вредните артефакти од локалитетот Требеништа“, откриени во различни декади на минатиот век.
Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така се дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011. По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб.
Публицитет.мк