Вчера во Скопје беше промовиран романот „Добро утро Јаков“ дело на новинарката Санта Аргирова,а во издание на „Култура“.
-Моја професија останува новинарството, но многу убаво се чувствувам и со овој израз…Веројатно ќе продолжам, да пишувам и објавувам нови книги , изјави за Публиците.мк , ден по промоцијата,колешката Аргирова.
-Првиот роман „Портретот од Дрезден“ кој исто како и вториот спаѓа во жанрот политички трилер стоеше напишан година и повеќе пред да биде објавен. Некако не се осмелував да го предадам, а овој вториов веќе го пишував. Добив сила, по коментарите за „Портретот“, побрзо да го дадам на издавачот. Не е брзо напишан, но драго ми е што набрзо по првиот роман дојде и „Добро утро Јаков“, вели Аргирова.
![santa](images/santa.jpg)
Оние што го прочитале и препорачале да се печати романот на неговите корици запишале:
„Добро утро Јаков“ како политички трилер носи низа возбудливи настани над црвената линија на моќта и на очајот. Претставници на политичката моќ, и оние другите, контролирани, водени и заведувани од неа. Да се заземе филозофски став или да се искористи правото на активен пристап кон злото лоцирано во политиката. Дејството нè води кон сознанието дека херојството и хероите не одумреле и не умираат секогаш. Романот „Добро утро Јаков“ во веќе препознатливиот жанр ја прикажува вечната борба на доброто и злото. Уште едно возбудливо четиво кое говори за духот на времето во кое живееме.“
Во централната книжарница на „Култура “ во Скопје романот го промовираше Калиопа Петрушевска која потврди дека издавачот се нафатил да го печати и промовира делото бидејќи тоа е далеку поквалитетно од низа странски дела од овој жанр кои се преведуваат и дистрибуираат во Македонија.
Публицитет.мк ви пренесува и мал извадок од романот – кој се надеваме ќе ви се допадне и ќе ве натера да го купите и прочитате.
.. Но сега стоеше над безживотното тело на човекот што го сметаше за свој втор татко. Се избезуми кога го откри телото на Претседателот пред влезот на тоалетот. На тој мал простор имаше расфрлено крпи, средства за хигиена, машинка за бричење, четкичка за заби. – Што, што се случило? – викаше Јаков. Ги повика колегите, брза помош, полиција… Седеше на подот, во близина на телото, и одвреме-навреме си ги бришеше солзите… Не го тргаше погледот од телото на Претседателот. – Умрев и јас – повторуваше. – Умрев и јас …
Публицитет.мк
Посетеност: 30