Вчера, во салата на Катедралната македонска православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, се одржа промоција на монографското дело „Израел и Македонија“ од Славе Катин.
Делото, за кое се рецензенти д-р Петко Златески, професор на Теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и Горан Садикарио, директор на Еврејскиот центар на холокаустот во Скопје, е на на 416 страници, на англиски, македонски и хебрејски јазик, а е издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје.
Книгата беше промовирано во рамките на активностите на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, кое е во состав на црквата „Свети Климент Охридски“, а во присуство на голем број македонски иселеници од сите делови на Македонија и гости од канадското општество.
Овој културен настан го отвори и за делото зборуваше потпретседателот на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, Драгица Димовска, која е и уредник и водител на Македонскиот радио час „Обединета Македонија“, потоа зборуваа Соња Лозановска, естраден уметник и главен и одговорен уредник на весникот „Македонија“ од Торонто и Тодор (Тони) Марковски, претседател на Канадско-македонското историско друштво од Торонто.
Во своето излагање Драгица Димовска, меѓу другото, рече дека монографијата „Израел и Македонија“ е дел од авторовото патување во Израел, исполнето со многу искушенија, сознанија и предизвици за да се запознае „Светата земја“, нејзините библиски места, градови, култури, религии, обичаи и многу карактеристики на нејзиниот современ свет. Притоа бројните споменици имаат светско значење и оставаат вечни траги во сеќавањата кај посетителот.
Посебно место во книгата „Израел и Македонија“ е посветено на етничка Македонија, на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Македонско-израелските мостови на поврзување, соработка и заемното почитување кои траат од многу одамна. Почнувајќи од древниот период па сè до денес, Израел како и Македонија бил, е и ќе биде раскрсница на различни нации, цивилизации, култури, јазици и религии. Затоа, со право се вели дека историјата на Евреите и историјата на Македонците е тесно поврзана.
Публицитет.мк