Денес попладнево во Балон спортската сала во село Требеништа се одржа отворањето на ракометната школа за Дебрца, во организација на Ракометната школа Вардар Седмерец, од Охрид, која е дел од Ракометната Академија Вардар.
На отворањето салата изгледаше прекрасно, ( фотографиите го потврдуваат тоа ) бидејќи присуствуваа повеќе од 80 дечиња, со желба да ги научат сите тајни на ракометот.
Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески на дечињата им посака успешна работа, со желби да се развиваат под брендот на актуелниот европски шампион Вардар, и надеж од школата да излезат многу таленти, кои преку вардаровите селекции еден ден ќе израснат во професионални ракометари.
-Ние како општина,чија основна заложба е поттик на спортот максимално ќе ја поддржуваме ракометната школа, која за првпат се отвора во Дебрца и на наредната седница на советот на општината ќе предложам дополнување на Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца, со што ќе обезбедиме и финансиска поддршка за школата.Искрено се надевам дека истата ќе произведе квалитетни млади ракометни таленти од нашата општина, рече Ногачески.
Публицитет.мк