Во Охрид во срцето на старата чаршија како што на времето го викаа Корозо на местото на кое порано беше лоцирана работилницата на мајсторот Вангел Деребан од синоќа е отворен музеј посветен на филигранот. Се работи за проект поддржан од ЕУ со гранд преку Проектот за регионална и локална конкурентност.
Преку него се изведе внатрешно уредување, со три простории од кои едната е резервирана за поставка во која е изложен накит и предмети изработени од филигрански мајстори, потоа историски преглед на филигранскиот занает низ времето, како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.
– Во овој објект, можете да пловите низ времето – да го посетите минатото и да ги видите богатствата на македонскиот народ, да купите парче накит изработен во најновите трендови, задржувајќи ја магијата на традиционалниот филигран и на крај да го посетите местото каде ќе се раѓаат идните филигранисти и ќе се учат вредностите на занаетот, филигранот и македонскиот накит. Со реализирање на овој проект, со поддршка на Европска Унија преку програмата Проект за локална и регионална конкурентност го исполнуваме неговиот аманет да го продолжиме неговиот пат и да ја негуваме традицијата, да го промовираме македонскиот накит и нашето богатство пред светот. Од денеска, работилницата и Музеј на филигранот на Вангел Деребан ќе биде на мапата на македонски музеи во кои се негува македонската вековна култура и традиција, изјави Никола Деребан на вчерашното свечено отворање на Музејот.
На настанот според сите Ковид протоколи присуствуваа видни гости од дипломатијата, политиката, уметници и занаетчии кои дискутираа за македонската традиција во придружба на класична музика.
Синоќа меѓу гостите на чинот на отворањето на Музејот и работилницата беше и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, тој на официјалниот фејсбук профил напиша:
-Врвна уметност, предмети со голема историска вредност и уникатни филигрански творби ќе можат да видат посетителите во новоотворениот Музеј на Вангел Деребан и возобновената кујунџиска работилница на филигран. Чест ми е што имав можност да бидам дел од свеченото отворање на овој репрезентативен и современо уреден простор, кој ќе биде уште една дополнителна понуда за туристите и ќе придонесе за зачувување и развој на филингранството како занает.
Упатувам искрени честитки до членовите на семејството Деребан за идејата, желбата и посветеноста во реализацијата на овој проект, кој е вистински пример за зачувување на традиционалните и културните вредности на Охрид, напиша градоначалникот Георгиески.
Во богатата архива на Публицитет.мк случајно го пронајдовме и аудио интервјуто на колешката Мирјана Мијалкова со Вангел Деребан по повод добиената Награда 8 Декенври – Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид, реализирано во неговиот дуќан во декември 2005 година за Радио Охрид.
Вангел меѓу другото на колешката Мијалкова и открива податок дека нивното семејство над два века се занимава со изработка на филигран а на самиот крај ја најавува идејата на неговите наследници за отворање на еден Музеј и работилница што синоќа и се случи.
Со клик на линкот подолу слушнете го интервјуто со покојниот Деребан.
Вангел Деребан е роден во Струга во 1920 година, живееше 93 години, тој беше шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан. Сребрената пеперутка позната по тв спотот „Купувајте македонски производи“ која се чува во националниот Музеј на Македонија ја има изработено неговиот татко Александар.
Во новиот изложбен простор е презентиран накит стар и неколку века што ги собирал неговиот дедо, но и парчиња што самиот Вангел Деребан ги изработувал.
– Експонатите изложени во музејот се семеен накит, парчиња што дедо ми и неговиот татко ги собирале, а се од 18 и 19 век, изработени од македонски кувенџии. Има целосен накит и женски и машки, од украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети се до машки предмети од филигран како ќостеци, чибуци и слично, вели Никола Деребан.
Еден дел од објектот е наменет за работилница во која тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади заинтересирани за занаетот, но и да презентираат пред заинтересираните и туристите како се изработуваат филигрански предмети.
Синоќа беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан.
Мирјана Мијалкова и Милчо Јованоски, Публицитет.мк