Пред два дена заврши 71. Издание на најстариот фестивал на забавна музика Сан Ремо кој донесе грст на нови ноти кои би требало да допрат до слушателите и љубителите на италијанската забавна музика.Се знае и победникот на годинешниот фестивал . Тоа е групата „Менескин“ со песната “Молчи и добро“ , која ќе ја преставува Италија на годинешната Песна на Евровизија.
Колку победничката песна ќе остане во меморијата на слушателите ќе покаже времето и генерациите кои ќе растат со музиката од овој фестивал , кој оваа година заради познатите причини се одржа без присуство на публиката со што изостана (од прва рака ) и нејзината реакција.
Се разбира , денешниот тренд во музиката , однесувањето на сцената, костимографијата, сценографијата и самата форма на фестивалот во многу нешта се разликува од она што беше овој фестивал во неговите „златни години“- што е и нормално кога се во прашање седумдесете години од неговото одржување.
Сепак, за повозрасните слушатели кои растеле со овој фестивал ,тешко е да се прилагодат на новините кои ги донесе фестивалот во последните дваесетина години.
Како споредба на некогашниот Сан Ремо со денешниот, се навраќаме во 1959 година на неговото деветто издание кога победи композицијата „Врне“ попозната како „Збогум, збогум, девојче“ во изведба на Доменико Модуњо. На фестивалот во алтернација песната ја испеа Џони Дорели.
Песната истата година како преставник на Италија беше изведена и на Песната на Евровизија во Данска каде го освои третото место.
„Врне“веднаш стана голем хит не само во Италија ,каде шест недели беше на првото место на италијанската хит парада , туку и во Холандија каде девет недели беше најлушана.
Доменико Модуњо на фестивалот во Сан Ремо победи и во предходната 1958 година со песната „Воларе“ која постигна планетарен успех. Така, по успехот на оваа песна во САД каде цели 13 недели оваа песна била на врвот на најслушаните, Модуњо бил на турнеа во Северна и Јужна америка.
Во декември 1958 година , кога се вратил во Италија, Модуњо се обидел да го вклучи текстописецот Франческо Миљијачи во пишувањето на нова песна за која веќе тој напишал неколку стихови. Инспирацијата за нив тој ја добил додека чекал воз на станицата Питсбург во Пенсилванија.Тогаш тој бил сведок на една прегратка на разделба на двајца млади на перонот каде што врнел дожд.Тогаш тој ги напишал овие зборови:
„Збогум, збогум, девојче
уште еден бакнеж
и засекогаш ќе те изгубам
Би сакал да најдам нови зборови
Но врне, врне на нашата љубов…
Бидејќи текстописецот Франческо Франко Миљијачи му ставил до знаење дека не е заинтересиран за соработка , Модуњо го вклучил Дино Верде со кого порано соработувал. Така , автор на стиховите за оваа победничка песна станал Дино Верде а музиката е дело на Доменико Модуњо.
И оваа песна како и предходната стана заштитен знак на Доменико Модуњо , но и на фестивалот Сан Ремо како и на цела Италија.
Според песната во 1959 година е снимен и игран фил со истоимен наслов во кој главната улога ја толкува Елза Мартинели.
Песната доживеа голем број на изведби и препеви на сите страни на светот. Таа може да се слушне во интерпретација на голем број на познати интерпретатори.Еве некои од нив:
Далида, Кони Френсис, Марио Дел Монако, Клаудио Вила, Катерина Валенте, Бертин Озборн, Биг Крозби и Роземари Клуни, Бруно Мартино, триото „Ил Воло“, Мауро Албанесе, Вили Алберти, Нарцисо Париџи, Пепино ди Капри, Рензо Арборе…Освен тоа голем број на познати светски оркестри и инструменталисти на својот репертоар ја имаат оваа популарна песна. Меѓу нив со своите изведби пленуваат оркестрите на: Франк Пурсел, Ксавиер Кугат, Енио Мориконе, Хелмут Захариас…
Се потсетуваме на оваа песна со нејзината оригинална верзија со еден микс на двете изведби на Модуњо во Сан Ремо и на Песната на Евровизија во 1959 година.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк