Колку тажно и за неверување уште еден белег на градот е на пат да исчезне.
Вашето, нашето, моето Радио Охрид!
По 58 години на пат е да згасне сега со сигурност најстарото некогаш локално радио, дел од системот на 29 –те Јавни локални радиостаници во Македонија.
Најстаро во Македонија веднаш зад Радио Скопје, зашто Радио Битола не успеа во приватизацијата. На тој пат послан со трње,а не рози – приватизација која со Закон ја бараше државата Радио Охрид успеа да опстане, да се трансформира.
Државата го продаде,а ние последните девтмина мохиканци – ќе звучи нескоромно водени од потписникот на овие редови над три години ја водевме битката за опстанок ќе не биде или не?!
Сакавме и сега верувам сакаме радиото да опстане.
Да опстане во името на тие кои го формирале, го граделе и го создале како респектиран медиум со кој растеа генерации и генерации слушатели.
Правевме програма, информиравме, рекреиравме , забавуваме иако со месеци не земавме плата, иако со месеци на сите ни течеа животите во неизвесност.
Професионално го работевме секој ден и дури на крајот пред чинот на приватизацијата кажавме што всушност се случува.
Штрајкуваме со другите колеги од цела Македонија пред Владата. Но никој не сакаше да го слушне и разбере нашиот глас.
Убедувавме дека Јавните радија и се потребни на државата, дека ги има наоколу секаде во соседството, барем како регионални центри на Јавните радиодифузери,ако не сите барем пет до седум медиуми од нашите 29 можеа да влезат под капата на МРТВ но за тоа никој не сакаше да слушне. Ќе сме биле товар на државата.
Сочуствуваме пишувавме за и со транзициските ломови пропаѓањето на гигантите Отекс, ЕМО, Застава ХТД…
Некои не тешеа пропаѓаат толку фирми , па за вас ништо не е страшно , една рака луѓе.
Транзициски времиња …
Во радио Охрид влегов како средношколец а заминав како возрасен, искусен човек кој знае што сака од себе,ама и од другите.
И се чини го фатив најтурболентниот дел од животот на радиото, а и за мене толку возбудлив, интересен напати тежок,а од овој агол многу убав, зашто сите кои работевме во медиумот му подаривме парче од својата душа.
Само што тие работеле и создавале медиум можат да ја сфатат мојата, нашата болка и отвореното прашање кое деновиве кружи во јавноста низ градов и во одредени медиуми дека Радио Охрид ќе згасне.
Ќе рече некој приватно е – што сакаат газдите тоа прават. Да, тоа е вистина така. Нивна своина.
Но кој и зошто се обидува да му ја земе душата на радиото?
Еве уште малку историја преку мене за радиото…
Во мигот кога сакав да ме вработаат, во 1988 колегите пишуваа дописи до тогашните власти дека ако не им помогнат финансиски ќе ја намалат програмата.
Заедно со радиото и сиот мој ентузијазам и љубов кон медиумот прегрмев стотици и стотици настани. Реферндум, осамостојување, избори безброј и низа настани…
Радиото и мене и на колегите ни носеше многу радости, награди од разни медиумски натпревари. Школата на Радио Охрид и денес е пример за објективно, транспарентно новинарство, без сеназионализам, жолт збор …
Секогаш над медиумот висеше заканата ќе го биде или не ?!
И секогаш радио Охрид – медиумот и со него заедно ние вработените излегувавме како победници.
Сакам да верувам дека оние во чии раце сега е судбината на Радио Охрид ќе ме демантираат дека навистина му сакаат добро на медиумот и дека ќе сторат се’ радиото да опстане и да го продолжи својот живот.
Радио Охрид било и пред нас и со нас и по нас хроничар на градот Охрид.
Богата фонотека, уште побогата и повредна аудио ризница и трезор на времето кое останало зад нас.
Судбина или не , не знам.
Во мојата лична, новинарска архива ја имам документарната емисија „Времето,а во времето тие..“ Секако, верувам дека ја има и во радиото, таа е реализирана во далечната 2005 година во долгиот и неизвесен период на трансформација на радиото. Со оваа емисија Радио Охрид на тогашниот натпревар Денови на македонскоот радио во Струга ја освои првата награда во категоријата на документарни емисии.
И токму во неа е содржана накусо целата историја на радиото.
Одвојте само 20 минути и слушнете зошто Радио Охрид не смее да згасне.
Не само заради оние кои го создале, заради нас кои сме го граделе и за тие кои после нас работеле и создавале , туку поради градот Охрид, неговата историја и неговата иднина.
Радио Охрид не заслужува , ваква тажна приказна.
Можам уште да пишувам уште многу,ама мислите ми тежат .
Би сакал и по 8 септември сигналот на Билјана пак да не буди, би сакал во 16,30 Дневникот пак да почне да ја создава новата хроника на градот.
Милчо Јованоски,
м-р по медиуми и комуникации, поранешен одговорен уредник, директор и управител на Радио Охрид.
Со клик на линкот подолу слушнете ја емисијата
Авторство на Васе Врангалоска и Милчо Јованоски, техничка реализација Војо Карадакоски од декември 2005 година во продукција на Радио Охрид .