Македонија е земја на светлината. Со сино небо, зеленило, плодна почва, планини и три езера. Со пејсаж, од кој му застанува здивот на секој намерник, што стапнал на оваа земја. Македонија е и земја која ги памети своите победи и своите порази.
Македонија е со посебен код запишана во светската историја на вредности заради воиствените походи на Александар Македонски; за чудното и големо царство на Самоил, заради битките изгубени и добиени за да се овековечи името Македонија, заради видогледот на ослепените војници дека во некое идно време ќе се вградат во постоењето и растежот на ова парче земја, на кое со гордост му прилега името Македонија. А потоа тука е Илинденското востание, со јунаците кои со одважност му пркосат, со вистински занес на петвековното турско ропство. Македонија на почетокот на овој век повторно е ставена на крстот на расчеречувањето. Поделена меѓу соседите како плен од најдолен вид. Македонија потоа, до скоро, третирана како земја со привремено име. Македонија прва влезе во агендата на вториот мандат на американскиот претседател Џорџ Буш да биде признаена под своето уставно име – Република Македонија.
Македонија има долг историски пат. А на тој пат се надминувани многу премрежиња за да се стигне до ова што сме денес. Земја со сопствен препознатлив идентитет, земја со природни можности за развој, земја со најубави утра и зајдисонца. Во нејзината историја се вградени и со златни букви се запишани значајни настани и личности. Но, никој толку многу, не беше визионер и заштитник на нашиот идентитет како Јосип Броз Тито. Човекот, државникот, со бистар ум, со визија да ја создаде и да ја одржи заедничката држава Југославија. Во тоа шаренило од народи и вери, од култури и национални посебности, беше и опстојуваше Македонија. Да се биде дел од таа заедничка држава беше можност да се биде заедно со другите, да се следи нивниот чекор кон прогрес, да се примат нови вредности, но и да се дава дел од нашето национално македонско препознатливо милје на вредности.
Во периодот по завршувањето на Втората светска војна, во која Македонија се определи на страната на антифашистичката коалиција, со победата на мрачните сили на фашизмот, за земјата се отворија нови светли страници за испишување на новата визија за иднината. Се создадоа предуслови да се гради нова и модерна земја, во која иднината и можностите за слободен развој ќе се вградат во животите на многу генерации трудољубиви трудбеници на трудот. Тогаш во Македонија се отворија видиците за создавање на сопствени вредности со македонски заштитен знак што и денес со гордост континуирано го продолжуваат патот на македонската самобитност.
Да се стигне до ова што сме денес, морало, пред сè, да постои вербата на македонскиот народ за создавање на сопствена држава. Но, морало и да се создадат и историски предуслови за да се препознае посебноста и идентитетот на македонскиот народ. Таков светол датум во нашата историја е историското Второ заседание на АВНОЈ, одржано на 29 ноември 1943 година во Јајце, во Босна и Херцеговина.
Зафатени од воениот виор на Народно-ослободителна борба, Комунистичката партија на Југославија, верувајќи во победата, создаваше предуслови со донесувањето на одлуки за идното уредување на новата држава Југославија. Во тие пресудни, историски моменти, е донесена и најзначајната одлука за нас, со која се признава државноста на Македонија и посебноста на македонскиот народ како федеративна единка во составот на новата држава Југославија. На ова Заседание нашите делегати не стигнале. Сепак, донесувањето на одлуката, што има големо значење за Македонија, била подготвувана многу порано, пред сè по заслуга на херојската борба на македонските борци.
Со ова одлука на Заседанието на АВНОЈ, територијата на Македонија и македонскиот народ се признаваат како историска посебност, како специфика, различна од сите соседни обиди за разнебитување и присвојување. Оваа одлука на АВНОЈ е камен- темелникот врз кој почна и продолжи да се гради нашиот дом – нашата современа Македонија.
Во донесувањето на одлуката се вградени слободарските идеали на борците од Народно-ослободителната борба, на сите знаени и незнаени херои, кои сонот за својата сопствена слободна земја го остваруваа по беспаќата на херојските врвици, во херојска битка со непријателот, со пушка во рацете за да се покаже кој е посиолниот во вербата за слобода на татковината.
Врховниот командант на оружените сили на НОБ, Јосип Броз Тито имаше доблест, знаење и верба да ги заштити незаштитените, да го признае придонесот на македонскиот народ во борбата за победа над мрачните империјалистички завојувачи. Тој можеше и сакаше, пред сите, да ги истакне вредностите и значењето на ова парче земја и на овој народ во севкупните напори да се дојде до слобода што ветува прогрес. Тој Македонија ја вгради во заедничката држава Југославија. Во повоените години и подоцна, Јосип Броз Тито грижливо се залагаше Македонија да го следи сопствениот развој, да биде респектиран член на југословенската федерација.
Во изградбата на Југославија со невидена дотогаш енергија, желба и работа се тргна во обновата на земјата. Се паметат младинските работни акции на пругите Шамац – Сараево, Брчко – Бановиќи, Хидроцентралата „Гердап“, Автопатот „Братство-Единство“, изградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кои со својата трудољубивост се истакнуваа Македонците. Тука се калеше и се потврдуваше духот на заедништвото на Југославија, во која македонскиот народ си има свое парче историја за паметење.
Името и делото на Јосип Броз Тито на Македонија и обезбедија препознатлива иднина во зачувувањето на сопствениот идентитет како рамноправна република, со можност за искажување на своите вредности и потреби. Придобивките од НОБ, по заслуга на Јосип Броз Тито, од Македонија направија земја – држава. За да се истакне неговото значење за нас како Македонци, ќе речам дека тој со својот визионерски поглед во иднината во Македонија ја виде препознатливата матрица на природни и културни посебности.
Македонија за Тито беше дел од светската историја. Дотогаш Македонија препознатлива по раните од изгубените битки, од обидите да се разнебити, Јосип Броз Тито ја внесе во иднината. Затоа е голема и значајна неговата историска улога во опстојувањето на Македонија, која посебно ја ценеше и ја сметаше за еден од заштитните знаци на заедничката држава, тврдина од налетите на соседните присвојувања, земја на вредности, пред сè значајна за да се респектира македонското историско значење, придонесот во НОБ, земја во која прогресот и мирот имаат непроценливо значење за нејзината иднина.
Во ова што сме денес, самостојна, суверена и независна држава, и тоа што ќе бидеме утре, демократска земја со голема надеж за членка на Европската Унија, е вграден и патот што го изодевме 50 години под водство на Јосип Броз Тито. Затоа ја носиме историската одговорност да го почитуваме неговото име и дело, да го почитуваме АВНОЈ и Авнојска Југославија, без разлика што стана по 1991 година. Тоа беше полувековен период што вечно ќе остане во нашата и во светската историја.
Академик проф. д-р Миле Миќуновиќ
Објавените текстови во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА … на „Публицитет.мк “ се лични ставови на авторите.
Публицитет.мк