На денешен ден (21.ноември) пред точно 40 години во американските кино сали започна да се прикажува филмот „ Лет над кукавичкото гнездо“ , сигурно еден од најдобрите филмови на сите времиња во историјата на филмот.
Филмот е првиот кој ги освоил сите пет главни категории на наградата Оскар (Најдобар филм, актер во главна улога, актерка во главна улога, режија и сценарио) по успехот на филмот „Се случи една ноќ“ во 1934 година, а таквиот успех нема да се повтори сѐ до 1991, од страна на филмот „Кога ќе стивнат јагнињата“.
Ова остварување преставува извонредна приказна која потикнала бројни стручни расправии на психијатри и психолози ,а гледачите ги натерала да се замислат над сопствените животи и судбината на своите најблиски.
Филмот е темелен врз истоимениот роман на Кен Киси од 1962 година кој го напишал по неговата работа во една болница за ментално болни лица во Орегон.
Приказната на филмот е добро позната кај љубителите на филмот, но сепак , како потсетување еве накусо за што се работи:Поглавицата Бродмен,американски Индијанец, за кого сите веруваат дека е глувонем, ја раскажува приказната за психијатарската установа која ја води семоќната главна сестра Речед.Во овој застрашувачки сив свет доаѓа Рандл Патрик Мекмарфи, ситен измамник со слободен дух. Неговата несопирлива природа набрзо ќе ја уништи секојдневната рутина на болницата во која пациентите се наоѓаат на една а бездушната и ладна главна сестра на друга страна.
Лудницата која преставува метафора на модерното општество , и приказната која поставува незгодни и провокативни прашања за нормалното и ненормалното, стекна култен статус помеѓу сите оние кои чуствуваа отпор и бунт,жед за промени од ослободување од „ стегите на лажниот морал“.
Во филмот се анализира дали лудаците се ментално пореметени личности или индивидуи кои со болест реагираат на ненормалното и болно општество.Филмот истотака испитува дали вистинските лудаци се во лудницата или надвор од неа, како и дали општоприфатената „ нормалност“ е всушност најопасната болест.Овие теми и денес се мошне актуелни , можеби и многу повеќе одколку во времето кога е снимен филмот.
Има навистина многу интересни нешта сврзани околу реализацијата на овој филмски бестселер кој е режиран од Милош Форман.По повод 40 те години од неговото премиерно прикажување, ќе се обидеме да ве запознаеме со некои од најинтересните од нив за кои можеби сте слушнале или прочитале а можеби и не. На тој начин сакаме да одадеме почест на ова ремек дело и воедно да потсетиме на него и неговите вредности.
Мошне интересна е приказната околу почетокот на екранизацијата на ова дело на Кен Киси.Познатиот актер Кирк Даглас , кој мошне успешно го толкувал ликот на Мекмарфи во театарската изведба на Бродвеј, сакал успехот да го повтори и на филмското платно па одлучил да ги откупи правата за екранизација на книгата и тоа веднаш по нејзиното објавување. Но, како во животот не оди секогаш според планираното,кога неговиот син Мајкл и тоа по неколку години откако конечно успеал да најде пари за реализација на проектот кој за многумина не изгледал ветувачки, Кирк Даглас станал престар за оваа улога.
Мајкл Даглас по секоја цена сакал да го сними овој филм бидејќи премногу верувал во неговите квалитети. Заради тоа како копродуценти во овој проект тој успеал да ја прилкучи музичката компанија „ Фантази“ која сакала да го прошири својот бизнис и во филмот.

Главниот лик ( Мекмарфи) Мајкл Даглас најпрвин му го понудил на актерот Џејмс Кан откако оценил дека неговиот татко Кирк е веќе престар за оваа улога (заради што Кирк долго време му бил мошне лут) , но откако тој ја одбил , кандидати за овој лик биле Марлон Брандо и Џин Хекман. Но, како што тоа обично се случува во филмскиот свет, улогата ја добил сосема друг актер- Џек Николсон , тогашна холивудска ѕвезда во подем, со чиј избор се согласиле и во компанијата „ Фантази“ .
Мајкл Даглас направил уште еден храбар и непредвидлив потег ,кога за режисер го ангажирал такаречи непознатиот режисер , чешкиот емигрант Милош Форман , бидејќи му се допаднал неговиот стилски пристап .

Застрашувачкиот лик на сестрата Милдред Речид одбиле да го одиграат дури шест познати филмски актерки: Ен Бенкрофт, Колин Девруст, Џералдина Прјџ, Елен Бурстин, Џејн Фонда и Ангела Басет.Причината кај повеќето од нив била едноставна: не сакале да останат во сеќавање кај гледачите по оваа улога на една таква антипатична личност.Конечно ,на само една недела пред почетокот на снимањето на филмот ,улогата ја прифатила актерката Лујза Флечер. Форман рекол дека се одличил за неа заради острите црти на нејзиното лице.
И Мајкл Даглас и режисерот Милош Форман имале заеднички став околу тоа дека атмосферата на лудилото да произлегува од однесувањето на ликовите а не од некакви специјални ефекти или пак од некои досадни толкувања кои би ја појасниле слоевитата проза на Кен Кеси.Ако не биле упорни во тие заложби , гледачите сигурно ќе биле осиромашени за едно прекрасно филмско дело.
Публиката ,гледајќи го филмот, оправдано се прашувала дали на филмскот платно гледа актери или вистински лудаци. Чувството дека сте се прошверцувале во некоја болница и дека таму низ клучалка гледате што се случува , доаѓа благодарејќи на постапката на Форман- камерата е присутна насекаде, подготовките биле максимални а автентичноста била закон.Милош Форман посетил дури 40 болници барајќи каде би го реализирал филмот. Конечно во болницата во Орегонскиот клинички центар во Салем од директорот др. Дин Брукс добил дозвола во еден дел од болницата да го сними филмот. Меѓутоа , на тоа се согласил откако Форман се обврзал дејствието на филмот да го помести назад во 1963 година , со што терапевските постапки и ликови не би се поистоветиле со современата докторска пракса.Вториот услов бил и тој да добие улога во филмот. Форман тоа го прифатил и не погрешил од причина што неговото учество во филмот ја осигура извонредната природност во толкувањето на ликот на др. Спивеј.Особено се природни духовитите и брзите реплики при неговиот разговор со Мекмарфи кои се плод на импровизација на самото место на снимање што може да се рече и за поголемиот дел од дијалозите во филм.

За да се запознае со атмосферата во болницата ,Форман престојувал таму додека го преправал сценариото за филмот заедно со Лоренс Хобен. Извонредно одбраните актери за споредните улоги , морале цела недела да поминат во орегонската болница пред почетокот на снимањето на филмот. Попатно, за аудиција се пријавиле деветстотини актери.Биле избрани најдобрите а меѓу нив и неколку актери кои подоцна ќе станат мошне познати како на пример:Скатмен Стротер, Дени Де Вито, Бред Дариф, Кристофер Лојд …Интересно е дека Вил Сампсон , кој го игра ликот на поглавицата Бромден , бил всушност ренџер во блискиот парк каде што во близина се снимал филмот. Бил избран за овој лик заради тоа што бил единствениот индијанец кој бил толку голем.
Филмот се снимал со најмалку две камери кои ги ловеле и најситните детали на гестовите на лицата на актерите. Тие никогаш не знаеле кога камерата ќе го фокусира токму нивниот лик и затоа се труделе во секој миг постојано да бидат луди .Оваа постапка била толку невообичаена што некои стари докажани професионалци не можеле да го издржат овој стрес. Освен тоа тие не верувале во можниот успех на ваквиот откачен начин на работа. Скоро сите биле пред нервен слом по единаесетдневниот живот во болницата додека биле реализирани сцените од филмот.

Огорчен заради сопствената глупост што правата за екранизација на филмот ги продал само за 5000 долари, авторот Кен Кеси судски побарал од семејството Даглас да му доплатат во готово уште еден милион долари за авторските права.
Мора да му се слошило кога прочитал дека филмот во 1976 година заработил тогаш фантастични 120 милиони долари , со што станал најуспешен филм во таа година. Инаку буџетот на филмот изнесувал скромни 4, 4 милиони долари.
За оскарите и да не говориме. Освои пет и тоа во главните категории: Најдобар фим, најдобра режија, најдобра женска и машка улога и најдобро сценарио.
Филмот ги освои и златните глобуси и наградите Бафта во истите категории.
Денеска филмот се смета за еден од најдобрите американски филмови на сите времиња. Тој се наоѓа на 33 место на најдобрите филмови на сите времиња на Американскиот филмски институт. Ликот на сестрата Речид е на петтото место на најголемите филмски негативци, а филмот константно се наоѓа меѓу првите 10 на листата на најпопуларниот филмски портал ИМДБ.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк






