Овие четири месеци од новата Влада покажавме дека сме луѓе од збор, тоа што го ветуваме, тоа и го остваруваме. Покажавме дека секој ден е можно нешто да се менува кон подобро и време е и Охрид да се приклучи кон тие промени. Тоа вечерва пред охриѓани го посочи лидерот на СДСМ Зоран Заев на завршниот митинг на Коалицијата „Живот во Македонија“.
Заев пред присутните порача дека Охрид не е обичен град, тој е наше и светско културно наследство, а наша должност и обврска е да го чуваме за идните генерации. Тој нагласи дека нема поигрување со Охрид и со езерото, најавувајќи дека во градот ќе се инвестира и општината ќе се развива, но ќе се почитува животната средина и историското наследство.
– Од 15-ти почнуваме со решавање на колекторскиот систем, за да имаме чиста и квалитетна езерска вода. Државата ќе ја преземе обврската за колекторот во Охрид и ќе се грижи за Охрид заради тоа што тоа ни е најголемото државно богатство, рече, меѓу другото Заев.
Лидерот на СДСМ потсети на мерките што се реализирани во изминатиот период за доброто на сите граѓани, особено за оние на кои помошта им е најпотребна.
– Минимална плата, поддршка за стечајците, евтина тарифа на струјата, укинување на радиодифузната такса и екстерното тестирање се само почетокот на она што следува. Преку ефикасна децентрализација ќе овозможиме рамномерен регионален развој на општините во сите делови на Македонија…Спроведуваме мерки за сеопфатен економски раст, државата пушта пари во стопанството и за 2018 година определивме повеќе од 70 милиони евра за поддршка на стопанството, за нови работни места, за развој, за вас, рече тој.
Тој ги повика охриѓани в недела довербата да му ја дадат на кандидатот за градоначалник Јован Стојаноски, како чесен човек што ќе ги донесе промените во Охрид, човек кој како досегашен советник знае каква општина сакаат граѓаните.
Стојаноски во своето предизборно обраќање истакна дека Охрид како културна историја на Македонија треба да го водат луѓе кои посветено, одговорно и домаќински ќе работат за да се подобрат условите за живот за сите негови граѓани, да се зголемат можностите за социјален и економски развој, зачувување на неговите природни, културни и духовни вредности и обележја.
– Ќе градиме одговорно, квалитетно и домаќински за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина… Ниту еден сокак, ниту едно населено место во Општина Охрид во 21-ви век повеќе не смее да остане без квалитетна и функционална водоводна и канализациска мрежа. Во најкраток можен рок ќе се направи санација и доизградба на колекторскиот систем, рече тој притоа посочувајќи редица други инфраструктурни проекти, меѓу кој и оној за гасификација на градот.
Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ својот предизборен караван пред почетокот на изборниот молк го заокружи со денешните митинзи во општините Вевчани, Дебрца, Струга и Охрид.
Извор: www.mia.mk
На митингот пред сопaртијците, симпатизерите и граѓаните се обрати и д-р Константин Георгиевски, ностелот на кандидатската советничка листа на СДСМ и коалицијата.
Товарот на режимот, кој ни тежеше, заедно го носевме и заедно ќе го тргнеме од нас. Тешкото време не истошти, но и не зајакна, ја направи нашата воља за промени челична и незапирлива.Верувајте, пред Вас стојат луѓе со искуство,кредибилитет и личен интегритет, луѓе кои знаат и умеат да ги решават проблемите и да Ве водат кон подобра иднина.Патот кон иднината го започна нашиот лидер и херој Зоран Заев,на тој пат чекориме заедно, со крената глава и чиста мисла.Ова е револуција против еден мрачен систем што го креираше ВМРО-ДПМНЕ, неговата врхушка и криминална фамилија. Ние сме тие што ќе го тргнеме од нашите животи и ќе го испратиме во мрачните делови на македонската историја. Нашата коалиција предводена од СДСМ, наместо стагнација и рушење на човековото достоинство, ќе донесе нов живот-живот за сите.Ние знаеме и бидете уверени дека ќе го направиме тоа.
Рековме ДОСТА за криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и криминалната фамилија кои заедно со нивната локална партиска испостава, го опустошија Охрид. Тој режим на ДПМНЕ ги лажеше охриѓани дека поплочените ќошиња на улиците се МОДЕРНИ ПЛОШТАДИ,
дека локалните патчиња се БУЛЕВАРИ, а водоводните и канализациони мрежи ги мереше со МЕТРИ наместо со километри.
Учениците наставата ја следеа во калливи чевли и најчесто во ладни училници , а локалната врхушка во некои тајни места правеше спогодби со тендерашите за поделба на украдените пари.
Самонаречените патриооти од ДПМНЕ , постојано ги лажеа охриѓаани ветувајќи дека покрај интензивното решавање на инфраструктурните проблеми, градат големи капитални проекти.
Почитувани пријатели ,нема проекти. Останаа само лагите од централната и локалната власт на ДПМНЕ. Останаа само новоизградените палати,станови,дуќани, скапи џипови,луксузни автомобили и дебелите банкарски конта на локалните шерифи на ДПМНЕ. Ве уверувам дека нивните сопственици ќе бидат јавно обелоденети по нашата конечна победа и расплетувањето на пајаковата мрежа на нивниот омилен ментор Никола Груевски, рече Георгиески.
-Многу било, малку останало. Само уште два дена кога за век и веков ќе го испратиме на буништето на историјата човекот кој сакаше да ѕида парапетче околу најубавото езеро на планетава Земја и човекот или поточно – нечовекот кој се обиде на некакви белосветски шарлатани и криминалци, на некакви субрати, како свадбен чеиз, како нешто од мајка му или од татко му, да го подари најголемото македонско и светско природно богатство, рече во своето обраќање на плоштадот „Св. Климент Охридски“ д-р Јован Стојаноски кандидатот за градоначалник на Охрид на СДСМ и коалицијата и додаде:
-Тоа што започна на 27-ми април со херојскиот стоицизам на Зоран Заев во Собранието на Република Македонија, треба да заврши во недела.
Петнаесетти октомври треба да биде запишан во историските учебници како ден на кој заврши ерата на Никола Груески. Заврши ерата на груевизмот. Завршија најцрните единаесет години во повоената историја на македонскиот народ.
Има десетици, стотици,илјадници причини зошто ерата на Никола Груески е најцрниот период во повоената македонска историја, ќе наведам само една:
Затоа што цели единаесет години во очи го гледаа и во очи, безочно го лажеа сопствениот народ. Затоа што беа поголеми лицемери и од оние за кои славниот Прличев ќе рече: „Лицем светци, срцем в‘лци“.
Каде е новиот пат до „Свети Наум“ што го ветија уште во далечната 2006-та година?
Каде е затворениот пливачки базен?
Каде е марината?
Каде се петте нови училишни згради и настава во една смена?
Каде се петте фудбалски терени?
Каде е Домот за стари лица?
Каде е Конгресниот центар?
Каде е новиот пазар?
Каде е новата автобуска станица?
Каде се трите фискултурни сали кои им ги ветија на учениците кои денес сигурно се веќе оженети и омажени?
Почитувани пријатели,
Само за сто дена, новата Влада, предводена од Социјалдемократскиот сојуз, покажа дека и во Македонија може политиката и политичарите да добијат човечки лик и облик.
Само за сто дена, Зоран Заев покажа дека и во Македонија зборот може да биде збор, а политичарот – човек.
Во духот на оваа нова политичка пракса и култура и во духот на онаа старата дебрчка поговорка, дека: „Човек се држи за збор, а нешто друго за огламник“, вечерва пред Вас и пред граѓаните на Општина Охрид го давам мојот збор и се обврзувам дека:
Ќе ја приспособуваме целата постојна урбана и рурална инфраструктура да биде во функција на потребите на граѓаните;
Ќе градиме одговорно, квалитетно и домаќински за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина;
Ќе ги намалуваме разликите помеѓу градските и селските средини;
Ќе обезбедиме чиста и здрава вода за пиење и чист воздух за сите;
Повеќе пари за општините, а со тоа и повеќе можности и повеќе пари за секој граѓанин на локално ниво;
Поголема вклученост на бизнис-заедницата во дефинирањето на општинските приоритети и воведување на бизнис-форуми како редовна активност за проектирање и следење на локалниот економски развој;
Ја враќаме моќта на месните и урбаните заедници;
Ниту еде сокак, ниту едно населено место во Општина Охрид, во 21-ви век, повеќе не смее да остане без квалитетна и функционална водоводна и канализациона мрежа;
Во најкраток можен рок ќе се направи санација и доизградба на колекторскиот систем;
А, конечно, ќе започне и реализацијата на големиот проект за гасификација на Охрид;
Ќе изградиме четири спортски сали во основните училишта „Братство-единство“, „Кочо Рацин“, „Ванчо Николески“ и во средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“;
Ќе изградиме Младински културен центар и Дом за стари лица;
На местото од дотраената и руинирана Маларична, ќе изградиме нов и современ Здравствен дом;
Ќе направиме доградби, проширувања и модернизација на постојните објекти од Детската градинка, а со тоа ќе го зголемиме опфатотот и ќе го подобриме квалитетот на претшколската дејност;
Ќе изградиме катна гаража во централното градско подрачје;
Ќе отвориме откупно-дистибутивен центар за земјоделски производи и финансиски ќе го помогнеме оранжериското производство;
Ќе го модернизираме Спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ и севкупно ќе го помогнеме развојот на спортот во нашиот град?
На секој план, ќе направиме се што е потребно лицата со инвалидитет да имаат еднакви услови како и останатите;
Со наша финансиска поддршка, ќе иницираме изготвување на научни студии за спас на Студеничкото блато, за чисто Езеро и чисти реки и за геотермалните води во Косел;
Со наша финансиска поддршка ќе иницираме изготвување на студиозна и одржлива стратегија за развој на Охрид како брендирана светска туристичка дестинација;
Ова не е се што планираме да направиме во нашиот четиригодишен мандат за кој сум повеќе од убеден дека ќе ни го доверите. Буквално, во нашата Изборна програма нема ниту една месна или урбана заедница за која не сме предвиделе реализација барем на неколку проекти за подобрување на елементарните услови за живеење.
Почитувани сограѓани,
Охрид е сличен на икона. Боите на неговата божествена убавина сугерираат слика на икона прекриена со патина;
Охрид е како стара и скапоцена книга, како оние од свети Климента и свети Наума, а, едновремено, и како бескраен бисерен гердан во кој секое од изминатите времиња оставило скапоцен камен;
Охрид е културната историја на Република Македонија.
Затоа, Охрид треба да го водат луѓе кои посветено, одговорно и домаќински ќе работат за да се подобрат условите за живот на сите негови граѓани, да се зголемат можностите за социјален и економски развој и да се зачуваат неговите природни, културни и духовни вредности и обележја.
Охрид треба да го водат луѓе кои знаат дека животот ни го враќа само она што ние им го даваме на другите.
Затоа, на петнаесетти октомври заокружете го бројот 19!
Гласајте за коалицијата „Живот во Македонија“, предводена од Социјалдемократскиот сојуз!, рече д-р Стојаноски.
Публицитет.мк