Светскиот рекордер во одење по жица загина завчера во инцидент со параглајдер, за време на прелетувањето на Монте Пјана, на италијанскиот дел од Алпите, Доломити.
Според првичните извештаи, Холцер (28) се искачил на планината Пјана да Ауронцо, на границата меѓу Јужен Тирол и Венето, во друштво на Фабрицио Кортезе. Двајцата сакале од височина од 2.270 метри да се спуштат со т.н. „спидрајдинг“, комбинација на параглајдерство и скијање. Холцер ја загубил контролата кратко по полетувањето и удрил во карпите. Неговиот пријател изјавил дека паднал во недостапен предел и не добил одговор на повиците. Веднаш бил испратен повик до спасувачка екипа, која се обидела на сите можни начини да му пристапи – со хеликоптер, џип, а во еден дел морале и пеш. За жал, за Холцер не можело ништо да се стори.
Холцер беше ѕвезда во светот на екстремните спортови. Љубител на качување, аикидо и фрирајд-скијањето, шампион на т.н. слеклајн, односно одење на јаже над клисурите и помеѓу планински врвови. Одеше меѓу три врвови и познатата Мармолада, врв на Доломитите. Во јули 2013 година, во Франкфурт се прошета по жица меѓу два облакодери, на растојание од 185 метри. Во 2012 година, постави светски рекорд во одење по јаже на надморска височина од 5.000 метри, во Музтагата, Кина.
Армин е роден во Секстен, Италија, пред 28 години. Освен што беше познат како еден од најдобрите слеклајнерси и хајлајнерси во светот тој исто така беше и одличен скијач, аикидо-борец и алпинист. Покрај талентот и неговото чувство за рамнотежа, впечатлив беше и неговиот дух и заразната радост со која влегуваше во авантурите. Тоа му беше стил на живот.
Погледнете го видеото од неговите потфати.
Извор: sportmedia.mk