Како што соопшти неговото семејство, светски познатиот моден дизајнер починал на 98 години во болница во близина на Париз.
Пјер Карден ја револуционираше модата и во текот на седум децении создаде импресивна модна империја. Тој е роден на 2 јули 1922 година како син на француски винарски трговец во северна Италија, во близина на Венеција. Како мал со своите родители емигрирал во Франција, каде израснал во индустрискиот град Сент Етјен и со 17 години почнал да изучува кројачки занает. Подоцна се преселил во Париз, каде започнал да работи како моден илустратор. Во 1946 година ги креирал костумите и кулисите за легендарниот филм-сказна „Убавицата и ѕверот” на поетот и режисер Жан Кокто. По преминувањето да работи кај модниот дизајнер Кристијан Диор, во 1947 година учествувал во креирањето легендарниот „њу лук”. Три години подоцна формирал веќе сопствена модна куќа.
Покрај Пако Рабан и Андре Куреж, Карден се смета за творец на футуристичката мода. На почетокот на 1960-те години ги испрати своите манекени на модната писта облечени во костуми слични на астронаутски.
Креираше модни колекции до својата доцна старост. Во неговите најуспешни креации спаѓаат геометриски скроени мини фустани и здолништа со пруги.
Модниот ветеран беше првиот во својата бранша кој своето име го потпиша на безбројни производи како мебел, минерална вода, грамофони и автмобили. Пјер Карден беше голем визионер – многу пред другите ги насочи своите „пипки” кон поранешниот Советски Сојуз и порано од своите конкуренти го откри кинескиот пазар.
Карден доби бројни признанија за својата работа, на пример беше примен во француската Легија на честа.
Дел од креациите на Карден: