Во неделата во Варшава на 90 годишна возраст почина полскиот Оскаровец , режисерот Анджеј Вајда.Председателот на Асоцијацијата на полското филмско здружение Јацек Бромски , за полската телевизија изјавил дека Вајда починал во болница во неделата навечер неколку дена одкако таму бил примен заради проблеми со дишните органи.
Вајда е роден во 1926 во североисточниот полски град Сувалки. Татко му бил меѓу жртвите во масакрот во Катињ во 1940, што го изведе Советскиот сојуз врз полските офицери. За време на Втората светска војна бил член на движењето на отпорот против фашизмот. Потоа студирал сликарство, пред да се запише на Филмската школа во Лоѓ. Вајда својата кариера ја започнал во раните пеесети години од изминатиот век. Во својата долга кариера успеал да реализира 56 кусометражни, документарни и играни филмови во кои се занимавал со судбината на луѓето во родната Полска.Во 1955 дебитира со „Генерација“, по што следеа „Канал“ и „Пепел и дијаманти“, што ја создаде трилогијата за воениот живот во Полска.Меѓу наеговите најпознати филмови , заради кои нешто подоцна ќе стане дисидент во текот на владеењето на комунизмот, се филмовите „ Човекот од мермер“ (1977) и забрануваниот „Човекот од железо“ (1981) во кој говори за за почетоците на движењето Солидарност и во кој се појавува лидерот на Солидарност Лех Валенса.Тој филм по забраната бил прикажуван на приватни проекции и во црквите.
Дури по паѓањето на комунизмот во 1989 тој можел да го сними филмот за Катињ.„Никогаш не се надевав дека ќе доживеам да ја видам Полска како слободна држава. Мислев дека ќе умрам во тој систем. За мене беше огромно изненадување што доживеав да ја видам слободата“, изјави Вајда во едно интервју во 2007.
На првите слободни избори во Полска во 1990 Вајда е избран за сенатор и отслужи 2 години во Горниот дом на парламентот.
Пет негови филмови се номинирани за Оскар во категоријата најдобар странски филм, вклучувајќи го и „ Човекот од железо“кого тогашната Полска власт барала да биде повлечен од конкуренција. Вајда беше номиниран за Оскар и за филмовите „ Ветена земја“, „ Девојките од Вилк“ како и за „Катин“ кој говори за погубувањето на 22000 полски официри меѓу кои и неговиот татко. Петтиот номиниран негов филм за Оскар е последниот филм на Вајда „Призрак“. Тој преставува приказна за животот на авангардниот полски сликар Владислав Стжемински, кој настрадал од поствоената сталинистичка власт на Полска. Вајда ќе рече дека сакал да „предупреди против државната интервенција во уметноста“. Филмот неодамна е избран за полски кандидат за Оскар за најдобар странски филм 2017.
Вајда работел скоро до самиот крај од животот . Тој неодамна присуствувал на премиерата на својот најнов фил“ Призрак“ која се одржала во градот Гдиња.
Актерот Даниел Олбрицки, кој играше во 13 филмови на Вајда, рече дека никогаш не запознал режисер кој толку добро работел со актерите.
„Можевме да ја почувствуваме љубовта на нашата публика преку него. Ама кога ќе се намрштеше, макар и малку, знаев дека треба да бидам подобар“, рече Олбрицки.
Полскиот експремиер и шеф на Советот на Европа Доналд Туск твитна:„Сите произлеговме од Вајда. Гледавме на Полска и на себеси низ него. И подобро разбиравме. Сега ќе биде тешко“.
Во 2000 Вајда доби почесен оскар за придонес кон светскиот филм.Тој во својата долга кариера освои дури 50 меѓународни признанија и наград. Во 1981 година ја освои Златната палма за филмот „Човекот од железо“ а во 2009 година наградата Златна мечка на Берлинскиот филмски фестивал за филмот „Татарак“.
Вајда еднаш изјави дека „Господ им дал на режисерите две очи – едно око за да гледаат во камерата, а другото за да бидат на штрек за сѐ што се случува околу нив“.
Вајда ги остави зад себе четвртата сопруга, актерката и сценографка Кристина Захватович, и ќерка му Каролина.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк