Изминатиот петок во 86 година од животoт, по кусо боледување во својот дом во Конектикат , почина Милош Форман, можеби еден од најважните чешки и американски режисери но во истовреме и еден од ретките најтипични преставници на чешкиот нов бран во 60 тите.
Тој беше еден од ретките режисери од источноевропските земји кои што успеаја да се адаптираат на западиот систем на работа. Неговиот филмски опус не беше голем но затоа тој направи неколку извонредни филмови кои ќе останат во историјата на филмот без разлика на тоа дали беа создадени во неговата родна татковина ,Чехословачка или во Америка. За тоа говори податокот дека неговите филмови за наградата Оскар биле номинирани дури 33 пати а добиле 13 Оскари.
Милош Форман е роден на 18. Февруари. 1932 година во градчето Часлав кое се наоѓа источно од Прага, како син Ана Форман која го водела хотелот на Рудолф Форман, кој бил професор.Неговите родители биле убиени во Аушвиц а него го одгледал неговиот стрико.
По војната , Форман студирал на факултетот „ Кралот Џорџ“ и банскиот град Поѓебради . На прашката академија студирал сценарио каде се запознал со својот иден постојан снимател Мирослав Ондричек. Во неговиот круг на драматичари и филмаџии во кои се движел биле и Вацлав Хавел и Иван Пасер , кои подоцна ќе станат косценаристи на неговите први филмови.
Во родната Чехословачка снимил неколку филмови . Својот прв среднометражен филм „ Конкурс“, Форман го снимил во 1963 година. Се работи за документарен филм во кој се говори за една аудиција за пеачки, тема која е слична со онаа на неговиот втор среднометражен филм „ Кога би ја немало музиката“ во кој ги прикажува случувањарта за време на еден натпревар на лимени оркестри во едно малечко градче . Тие два филма биле прикажувану заедно како целовечерна програма.
Својот прв игран филм „ Црниот Петар“ , Форман го реализира во 1964 година кога се појавува една малечка група на феноменални даровити филмаџии (Вера Читилова и Јиржи Менцел)кои не само што ќе се пресметаат со идеологијата , догмата и политиката , туку и со провинциската малограѓанштина , човековите маани и лицемерието .
Филмот „ Црниот Петар“ бил снимен според романот на Јан Папоушек, кој заедно со Иван Пасер ќе соработуваат и на останатите два филма на Форман. Во оваа комедија која говори за еден млад трговски приправник кој постојано го омаловажува неговиот строг татко, Форман на еден симболичен начин го прикажува раздорот помеѓу генерациите и дава слика на пасивниот дел од тогашното чешко општество заради што доаѓа во судир со сеуште владеечките норми на соцреализмот.
Во неговиот следен филм „ Љубовта на една русокоса“ од 1965 година, хуморот од предходниот филм е ублажен со сочувствата на главните јунаци , една млада девојка и еден патувачки пијанист.
Филмот „ Гори, моја госпоѓице“ од 1968 година преставува фарса на провинцискиот живот преку функционирањето на провинциската против пожарна бригада.Во сите споменати филмови има малку директна политика а многу повеќе мајтапење со малечките расипани луѓе и со обичните луѓе кои се подводливи и лекомислени.Овие филмови на Форман доживеале голем успех кај публиката а „Љубовта на една русокоса “ и „ Гори, моја госпоѓице“ се номинирани за Оскар , имале фантастични критики и имале огромно влијание врз творештвото на други филмски творци.
По политичките промени во Чехословачка во 1968 година земјите од Варшавскиот пакт интервенираат во оваа земја, Дубчек и Свобода се сменати од власта, а набрзо ќе биде забранет за прикажување филмот на Форман „ Гори, моја госпоѓице“.
Форман во моментот на интервенцијата бил во Париз каде преговарал за снимање на својот прв американски филм. По овој настан тој никогаш не се вратил да живее во својата родна земја. Набрзо потоа оди во САД каде американско државјанство стекнува во 70 тите години од изминатиот век. Се населил во Њујорк каде нешто подоцна започнува да работи како предавач на универзитетот Колумбија и станува еден од двајцата председатели на споменатиот универзитет.
Во САД , Форман ќе сними осум филмови кои објективно се успешни : пет од нив имале успех кај публиката а два освоија грст оскари.
Својот прв американски филм„ Соблекување„ , Форман го сними во 1971 година. Се работи за приказна која говори за една 15 годишна девојка која бега од дома , станува приврзаник на хипи движењето и оди да живее во комуна.Трагајќи по неа се рушат дотогашните погледи на животот на нејзините родители. Форман во филмот успева да го пресади хуморот втемелен од чешките традиции прикажувајќи го на критичен начин американското општество низ смеа и гримаса кои прераснуваат во гротеска.
Својот прв голем американски успех, Форман го постигнува во 1975 година кога ќе го сними филмот „ Лет над гнездото на кукавицата“ според романот на Кен Кизи. Филмот доби пет Оскари и беше првиот филм кој по цели 40 години успеа да ги освои петте најважни Оскари( најдобар филм, режија, сценарио и машка и женска улога). Филмот доживеа фантастичен финансиски успех заработувајќи 20 пати повеќе од вложените пари во него а од Џек Николсон направи голема ѕвезда.Во филмот на еден брилијантен начин преку случувањата во една лудница , како метафора го критикува одтуѓеното американско општество.
Форман и со својот следен филм останува на теренот на американската контракултурснимајќи го филмот „ Коса“ во 1979 година , според мошне популарниот мјузикл. Филмот доживеа половичен успех. Во САД филмот не помина најдобро а критиките и публиката не биле одушевени од неговото видување на овој популарен мјизикл.
И следниот негов филм „ Регтајм“ од 1981 година остана такаречи незабележан.Иако биле вложени големи средства во неговата реализација, сепак ниту кај публиката ниту кај критиката не доживеа поголем успех.
Својот втор голем американски успех, Форман ќе го оствари во 1984 година со филмот „ Амадеус“ во кој паралелно ги следи животите на Моцарт и неговиот ривал, трудољубивиот но помалку даровитиот композитор Салијери. Овој одлично направен филм освои осум оскари меѓу кои и оние за најдобар филм и најдобра режија.
Пет години подоцна тој ќе го сними историскиот спектакл „ Валмонт“ така речи паралелно со филмот „ Опасни врски“ на режисерот Стивен Фрирс. И обата филма ја обработуваат истата тема од романот на Шодерло де Лакло од 1782 година.Верзијата на Фрирс со Глен Клоуз, Мишел Фајфер и Џон Малкович ја освои публиката а верзијата на Форман помина незабележано иако според многумина тој филм е подобар од оној на Фрирс.
Во следните 25 години Милош Форман ќе сними уште четири филма , од кои два ќе привлечат особено внимание , инаку и обата поврзани со за него омилената тема за американската контракултура.
Во филмот „ Народот против Лари Флинт“ од 1996 година , тој се занимава со судирот на конзервативното општество со американскиот могул на софистицираната еротика , филм кој имаше две номинации за Оскар а освои два Златни глобуси , и филмот „Човекот на месечина“ во 1999 година во кој го опишува животот на американскиот комичар Енди Кауфман, каде актерот Џим Кери го престави во поинакво светло.
Единствениот европски филм по 1967 година тој го сними во Шпанија во 2006 година. Беше тоа биографскиот филм за Франциско Гоја„ Духовите на Гоја“ во кој извонредни улоги остварија Хавиер Бардем и Натали Портмен.
Иако неговиот режисерски опус , особено оној американскиот, не е многу голем, сепак филмовите кои ги направи во 70 и 80 тите години оставија трага во филмската уметност.
Во својата родна земја тој ретко доаѓаше а во една таква прилика во рамките на меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари во 1977 година нему му беше доделен почесен Кристален глобус за исклучителниот уметнички придонес во светската кинематографија.
Со сопругата Мартина имаа два сина: Петр и Матеј Форман , денес филмски и театарски актери.
Во чест на овој голем режисер астероидот 11333 го носи неговото име Форман.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк